Најмалку 50 лица се повредени во судир на два патнички воза на железничката линија јужно од Бедфорд, околу 90 километри северно од Лондон, а британските власти стравуваат дека во несреќата загинал и еден машиновозач. Спасувачките служби и натаму се на терен, додека истражителите започнаа увид за причините за една од најсериозните железнички несреќи во Велика Британија во последните години.
Според досегашните информации, несреќата се случила околу 17:15 часот по локално време, на делницата меѓу Бедфорд и Лутон. Во судирот учествувале два воза на компанијата „Ист Мидлендс Реилвеј“, кои сообраќале кон железничката станица „Сент Панкрас“ во Лондон. Едниот воз патувал од Нотингем, а другиот од Корби.
Првичните информации укажуваат дека едниот воз бил запрен на пругата кога вториот удрил во неговиот заден дел. Причините за тоа сè уште не се познати и се предмет на истрага.
На снимките од местото на несреќата се гледаат сериозно оштетени вагони, а очевидци опишуваат сцени на паника веднаш по ударот. Неколку патници за британските медиуми изјавиле дека биле оттурнати од седиштата и дека во вагоните имало чад, искршен инвентар и повредени луѓе.
На местото на несреќата биле испратени десетици екипи на брза помош, пожарникари, полиција и хеликоптери за итна медицинска помош. Болниците во Бедфорд и Лутон активирале планови за прием на голем број повредени, а дел од одделенијата за итна помош привремено побарале граѓаните да не доаѓаат освен во навистина итни случаи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата