Напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Маркус Рашфорд одбил три понуди од клубови од Саудиска Арабија, објави Тајмс. Доколку прифател една од нив, ќе заработел минимум 35 милиони фунти годишно, што е двојно повеќе од неговата плата во „црвените ѓаволи“.
Не е за потценување и фактот дека во Саудиска Арабија фудбалерите не должат данок на приходите, додека во Британија, Рашфорд и плаќа на државата 45% од заработените пари. Сепак, тој сака да продолжи да игра на највисоко ниво за да има шанса да се врати во репрезентацијата на Англија. Од истата причина, 27-годишниот напаѓач одбил да се пресели во Турција.
Не е тајна дека Рашфорд е на прагот да го напушти Манчестер Јунајтед. Тој го пропушти секој од последните 5 натпревари на тимот во Премиер-лигата. Од почетокот на сезоната неговиот придонес за „црвените ѓаволи“ е изразен во скромни 4 гола.
На „Олд Трафорд“ се подготвени да се разделат со Рашфорд овој месец доколку се најде клуб кој ќе го земе на позајмица и се согласи да плати поголем дел од неговиот хонорар.