Шефовите на Манчестер Сити контактирале со луѓе блиски до Пол Погба за да ја разгледаат ситуацијата околу играчот, неговата физичка состојба и неговата расположеност да му се приклучи на клубот во наредните недели, објави весникот „Сан“.
Англискиот шампион итно бара засилување во средниот ред откако Родри заработи тешка повреда на стартот од сезоната и тоа значително придонесе за извонредното влошување на формата и резултатите на „граѓаните“.
Тимот на Пеп Гвардиола забележа седум порази во последните десет натпревари, што е невидено за време на неговиот престој на Етихад. Токму оваа ситуација најверојатно ќе ја натера управата на Манчестер Сити да го одврзе ќесето во јануарскиот преоден рок и да се засили со барем еден играч во средниот ред. Во игра се и Бруно Гимараеш од Њукасл, како и Мартин Зубименди од Реал Сосиедад.