Во 2024 година Реал освои пет трофеи, но во Кралскиот клуб веќе е свртена страницата и почнуваат со подготовки за нови големи предизвици. Првиот натпревар во 2025 година ќе го одиграат на Местаља, а следната недела во Саудиска Арабија ќе следи борбата за трофејот во шпанскиот Суперкуп.
А после тоа Анчелоти ќе добие многу засилувања. Како што изјави Италијанецот, Давид Алаба ќе биде подготвен за играње натпревари по 20 јануари.
„Сега имаме покомплетен тим за повеќе ротации, кога Алаба ќе се врати ќе имаме можност да ротираме уште малку во одбраната, позиција на која потфрливме. Тој е многу блиску до подготвеност за играње натпревари, ќе биде достапен околу 20 јануари“, изјави трофејниот тренер.
Враќањето на Алаба ќе значи дека Реал Мадрид нема да носи нови лица во соблекувалната како што најави Флорентино Перез.
Австриецот е надвор од терените повеќе од една година. Во декември 2023 година, тој ги скина лигаментите и неговото опоравување траеше доста долго. Тој неодамна почна да тренира со тимот. Нема да брза да се врати на теренот, а кога ќе почне да игра во континуитет, сигурно ќе биде засилување за тимот.
Единствен кој би можел да дојде е Трент Александер-Арнолд, кој има договор со кралскиот клуб, но за лето кога би пристигнал од Ливерпул како слободен играч.
Во последните денови се појавија информации за понуди од 15 до 25 милиони евра, кои наводно ги подготвиле во Реал за одличниот десен бек. Сепак, Ливерпул не е подготвен да го продаде.