logo
logo
logo

ЗАТВОРОТ ИДРИЗОВО Е ПРЕПОЛНЕТ, државата не ги исполнува своите обврски

Vecer | 15.01.2022

ЗАТВОРОТ ИДРИЗОВО Е ПРЕПОЛНЕТ, државата не ги исполнува своите обврски

Затворите во Македонија, особено тој во Идризово, го достигнаа врвот на пренатрупаноста и според последниот извештај на Хелсиншкиот комитет и Млади правници од ноември минатата година, во делови од објектите нема основни хумани услови за престој.

Во затвореното одделение на КПД Идризово во јули, кога надвор температурата била над 40 степени целзиусови, била нотирана пренатрупаност во просториите за сместување, конкретно во блоковите 1, 4 и 7. Затвореници спиеле во ходник, на под, а во некои соби биле затекнати по 12 до 13 затвореници во една соба, сместени на кревети на 3 ката.

„Тушевите во тоалетите во сите соби се сè уште импровизирани и направени од буриња, а во некои тоалети затворениците се тушираат со кофи. Осудениците кои спијат во ходник, немаат свој тоалет и мораат да ги користат тоалетите на осудените лица кои имаат соба“, вели извештајот за затвореното одделение во Идризово, кое ќе се реконструира евентуално ако успее тендерот во мај, во втората половина од годинава, пишува порталот сдк.

Целокупната електрична инсталација е отворена, се наведува во извештајот, и претставува висок ризик за настанување пожар или друг инцидент. Импровизирани справи за греење на вода се користат од осудените лица кои, исто така, претставуваат ризик по нивниот живот.

„Во првото крило беа затекнати 7 осуденици, во четвртото 5 осуденици, а во седмото 4 осуденици кои спијат на под. Еден осуденик од првото крило спиеше на душек на под во една од собите, во четвртото крило двајца осуденици беа затекнати како спијат на еден единечен кревет во ходник. Осуденик во четвртото крило спиеше на кревет кој немаше даски, па самиот поставил телевизор под душекот за да може да спие. Еден од осудениците во седмото крило спиеше на ќебе послано на под. Во целата зграда, а особено во блоковите каде беше забележана пренатрупаност, имаше многу ниско ниво на хигиена“, пишува во деталниот извештај.

Дополнително, осудениците го информирале мониторинг тимот дека во тие жешки денови 2 до 3 недели немале вода, поради што не можеле да се тушираат, да одржуваат лична хигиена, ниту пак да си ги измијат садовите во кои јадат.

„Од тие причини во зградата се ширеше лоша миризба, а беа забележани и многу неизмиени садови во ходниците кај собите полни со муви и други инсекти“, утврдиле претставниците од Млади правници и од Хелсиншки комитет.

Самиците во установата се во значително супстандардни услови со нечисти душеци, нечиста постелнина, влага, нечист тоалет, како и многу слаба вештачка светлина. Приемното одделение во установата било, исто така, затекнато во лоши хигиенски услови. Во просторијата имало 18 кревети, а во моментот на посетата биле сместени вкупно 6 лица. Тоалетот во приемното одделение е со многу ниско ниво на хигиена и има туш и 2 тоалетни школки. Во тоалетот биле забележани кабли од струја што може многу лесно да предизвикаат пожар и повреди кај осудените лица, а во најлош случај да доведат и до смртни последици.

Доскорешниот директор Јовица Стојановиќ префрлал од шупливо во празно, барајќи преостанат кревет, па сега малку ситуацијата е подобра. Проблемот е што тие осудени лица од затвореното одделение (од објектот кој е стар шест децении), меѓу кои се и фатените и вратените од бегство, по закон не може да се шетаат во полуотворено одделение или на други места каде што има слободни кревети.

Здравствената заштита на осудените и на лицата лишени од слобода е во надлежност на Министерството за здравство, а не на затворите.

Од неодамна амбасадата на САД како помош за подобрување на условите во казнено-поправните установи кај нас со свои средства ангажирала експерт во оваа област, со кого склучила двегодишен договор. Ален Колингс е експертот кој моментално прави обиколка во затворите, за да ги конципира, како што ни кажаа од Управата за извршување на санкциите, своите чекори за помош во подобрувањето на состојбите во овие институции.

Помошта ќе биде како материјално-техничка, која ќе се однесува на безбедноста на она што се внесува во затворите, така и во обуки на затворскиот персонал против корупција.

Ова се 15-те НАЈЧИТАНИ ПОРТАЛИ ВО МАКЕДОНИЈА! Тие се јавното мислење

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk