Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица осомничени дека извршиле кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик.
„Осомничениот и осомничената, како соизвршители, во гостиварско Неготино, на свиреп начин ја лишиле од живот Хавва Азизи од селото Здуње. Жртвата ја зеле од пред нејзиниот дом на 7 декември, ја однеле во куќата на осомничените, каде започнале расправија за одредени недоразбирања. Потоа ја затвориле во помошна просторија во сопственост на лице кое престојува во странство. Осомничената донела пиштол, а осомничениот го извршил убиството со еден истрел од огненото оружје“, информира Обвинителството.
Заедно со количка го внеле телото на жртвата во автомобилот, го однеле во атарот на селото Неготино, каде го спуштиле во ископана дупка, го запалиле и го покриле со земја, гранки и различни предмети.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.
Инаку, МВР на 12-ти месецов поднесе кривична пријава против С.М.(53) од с.Неготино, општина Врапчиште за сторено кривично дело „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик.
Синот на убиената жена, на 9 декември пријавил дека неговата мајка е исчезната, а подоцна на безбедносните камери забележал дека на 07.12.2025 таа влегува во патничко возило „фиат“, по што е недостапна на телефон.
Тој пријави и дека на безбедносните камери забележал дека ноќта помеѓу 06.12. и 07.12.2025 С.М. влегол и пребарувал во неговата куќа и дека биле одземени пари од неговата соба.
С.М беше приведен, а полицијата констатирала дека дал лажен исказ во полициска станица. Проверениот листинг на повици покажал дека убиената жена последен пат имала констакт со С.М. на 7 декември.
По извршениот претрес во домот на С.М., уапсена беше и неговата сопруга Ѓ.В. (48) која во полициска станица признала дека нејзиниот маж со пиштол ја убил жената и кажала каде е закопана. Телото беше пронајдено и предадено на обдукција.
The post За свирепото убиство на жената во Гостиварско се товарат сопружници appeared first on NetPress.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата