logo
logo
logo

Велешанка осомничена за повеќе кривични дела за насилство, во само пет дена

Vecer | 15.02.2025

Велешанка осомничена за повеќе кривични дела за насилство, во само пет дена

Основното јавно обвинителство Велес поведе постапка против 24-годишна велешанка која во изминатите неколку дена извршила повеќе кривични дела – Загрозување на сигурноста од член 144, Насилство врз дете од член 201-а, како и Предизвикување општа опасност според член 288 од Кривичниот законик.

Делата ги извршила последователно така што најпрво на 10.02 при вршење семејно насилство му се заканила на сопствениот татко дека ќе го убие. Влегла во неговиот дом кршејќи ја вратата, па кога не го нашла, се упатила кон автобуското стојалиште каде го затекнала оштетениот и му упатила отворени закани со намера да го вознемири и да го заплаши.

На 12.02 осомничена е дека извршила физичко насилство врз дете родено 2011 година, така што најнапред започнала вербална расправија, а потоа детето го удрила со нога во стомакот. Нешто подоцна истиот ден се појавила пред домот на оштетените со стап во раката и им се заканила на девојчето и нејзината мајка дека ќе ги убие, со што кај нив предизвикала чувство на несигурност, загрозување и страв.

Исто така, на 14.02 го забележала девојчето во дворот на семејната куќа и започнала да фрла камења кон оштетената. Девојчето побегнало, а осомничената продолжила да фрла камења кон паркинг простор каде имало паркирани возила и ученици кои чекале превоз. На тој начин предизвикала значителна опасност за животот и телото на присутните и оштетила два автомобила.

Со оглед на тоа што постојат околности кои укажуваат дека осомничената би можела да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, но и поради опасноста да ги повтори кривичните дела или да ги изврши делата со кои се заканува и кои вклучуваат противправни дејствија и закани кон 13-годишно девојче, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Велес достави предлог за определување мерка притвор. Судот го прифати предлогот на обвинителството и ја определи притворската мерка за осомничената.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk