logo
logo
logo

Според Клековски, МАКЕДОНЦИТЕ НАЈМНОГУ ПАТАТ ОД ШЕЌЕР, КИСЕЛИНИ И ЖИВЦИ

Vecer | 25.06.2026

Според Клековски, МАКЕДОНЦИТЕ НАЈМНОГУ ПАТАТ ОД ШЕЌЕР, КИСЕЛИНИ И ЖИВЦИ

Употребата на антибиотици во земјава бележи пад, додека меѓу најчесто користените лекови кај граѓаните и понатаму се метформинот, пантопразолот и дијазепамот, односно од дијабетис, киселини во желудникот и проблеми со смирување на нервите.

Ова денеска го соопшти директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, презентирајќи ги податоците за потрошувачката на лекови во периодот од 2023 до 2025 година.

Според Клековски, вкупната вредност на лековите што се финансираат од Фондот и државата во 2025 година достигнува околу 11 милијарди денари, при што најголем дел од средствата се наменети за скапите терапии што се обезбедуваат преку условните буџети.

„Во однос на 2023 година, бележиме раст од 34 проценти на потрошувачката на лекови, пред сè поради воведувањето нови и поскапи терапии. Од друга страна, за првпат имаме намалување на употребата на антиинфективни лекови, вклучувајќи ги антибиотиците, и по бројот на рецепти и по потрошените средства“, истакна Клековски.

Во рамки на Позитивната листа А годинава се издадени околу 27 милиони рецепти, што е зголемување од осум проценти во споредба со претходните години. Најголем дел од средствата се трошат за лекови за кардиоваскуларни заболувања, кои надминуваат една милијарда денари.

Најголем раст е забележан кај условните буџети, односно кај современите и скапи терапии за онколошки, ретки и автоимуни заболувања. Според Клековски, зголемувањето од околу 80 проценти овозможило да се елиминираат листите на чекање за повеќе категории пациенти, меѓу кои и лицата со цистична фиброза, мултипла склероза и дефицит на хормон за раст.

Директорот на ФЗО најави дека од 1 јули ќе почне пошироката примена на електронскиот рецепт, со што се очекува поголема контрола врз издавањето на лековите и намалување на злоупотребите.

„Една од целите е да се спречат двојните наплати, односно случаи кога лекот се наплатува и од пациентот и од Фондот. Новиот систем ќе содржи повеќе автоматски контроли кои ќе ги заштитат пациентите, аптеките и матичните лекари“, рече Клековски.

Тој посочи дека најкористен лек во Македонија останува метформинот, кој се употребува за лекување на метаболички нарушувања и дијабетес, со над два милиони издадени рецепти во 2025 година. Следуваат пантопразолот, кој се користи за желудочни заболувања, и дијазепамот.

Клековски најави и понатамошно проширување на Позитивната листа со нови современи терапии, додавајќи дека заштедите што ќе се постигнат преку намалување на цените на одредени лекови ќе бидат насочени кон воведување нови и поефикасни третмани за пациентите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk