logo
logo
logo

Што велат од Светска банка, КАКВИ ПЕНЗИСКИ РЕФОРМИ СЕ РЕШЕНИЕ ЗА МАКЕДОНИЈА

Vecer | 15.07.2026

Што велат од Светска банка, КАКВИ ПЕНЗИСКИ РЕФОРМИ СЕ РЕШЕНИЕ ЗА МАКЕДОНИЈА

Од Канцеларијата на Светска банка во Македонија велат дека земјава како и многу други е исправена пред предизвикот да обезбеди благосостојба за пензионерите, иако се соочува со демографско стареење.

Објаснуваат дека Светска банка е свесна за тековната јавна дискусија за пензискиот систем и иднината на вториот столб и додаваат дека повеќестолбниот пензиски систем може да помогне.

Владата анализира и е со став дека вториот столб не ги дал посакуваните резултати, а Сојузот на синдикати на Македонија(ССМ), но и граѓаните се против евентуално зголемување на старосната граница за пензионирање.

„Ова го гледаме како можност за информиран политички дијалог за прашање што директно влијае на благосостојбата на граѓаните во Македонија.

Демографското стареење е долгорочен структурен предизвик со кој Македонија - како и многу земји - ќе треба да се справува со децении што доаѓаат. Постои широк меѓународен консензус дека повеќестолбниот пензиски систем може да помогне во справувањето со овој предизвик.

Таквиот систем обично комбинира социјална пензија финансирана од општиот буџет за заштита на најранливите; столб со придонеси поврзан со заработката, платен систем (PAYG) кој ги поврзува бенефициите со доживотна работа; и столб со дефинирани придонеси (DC) кој им помага на работниците да градат индивидуални заштеди со текот на времето.

Заедно, овие столбови го диверзифицираат приходот од пензионирање и го распределуваат фискалниот, политичкиот и пазарниот ризик, наместо да ја концентрираат изложеноста на еден извор.

Како и со секој финансиран столб, неговите придобивки се акумулираат постепено: евиденцијата за придонеси изградена порано во кариерата на работникот е природно поголема, а целосниот потенцијал на системот се реализира само како што индивидуалните сметки созреваат во текот на последователни децении придонеси“, велат од Канцеларијата на Светска банка во Македонија за Фактор.

Додаваат дека реализацијата на овој потенцијал бара цврсти темели - разумен дизајн, силно и одговорно управување со инвестициите, а внимателен преглед на тековните параметри на системот би можел да помогне да се осигури дека Северна Македонија е во добра позиција да го исполни тоа ветување.

„Ангажманот на Светската банка по ова прашање се состоеше од два различни тека на работа. Првиот е програма за техничка помош, со која се работи директно со властите за анализа на предизвиците со кои се соочува финансираниот столб и идентификување на конкретни опции за реформи.

Вториот е посебен: со поддршка од Фондот на Европската Унија за фискално управување, Светската банка обезбеди техничка анализа за да го информира Прегледот на трошењето на пензискиот систем на Владата на Северна Македонија; процес воден и во сопственост на Владата.

Двата тека се комплементарни, но различни. Конечно, проценката на Светската банка за пензискиот систем во Северна Македонија беше објавена во 2024 година како дел од Прегледот на јавните финансии, редовна проценка на јавните финансии во земјите-заемопримачи.

Прегледот ги утврдува нашите препораки за обезбедување социјална и фискална одржливост на пензискиот систем во Северна Македонија“, додаваат од Канцеларијата на Светска банка во Македонија.

Новоназначениот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски истакна дека некој пред дваесетина години тврдел дека вториот пензиски фонд ќе даде добар ефект на пензиите на пензионерите во Македонија.

Меѓутоа, очигледно е дека првите пензионери оваа година, како први по воведувањето на оваа мерка, со она што го штеделе, недоволно им се оплодиле средствата за да имаат добри пензии од вториот столб.

Инаку, од ССМ рекоа дека наместо граѓаните да работат до 72 години, потребни се модели кои ќе овозможат предвремено пензионирање, бенефициран стаж и пензионирање според работниот стаж.

Тие го посочуваат податокот од Статистичкиот годишник на Македонија 2025, според кој очекуваниот животен век во земјата изнесува 76,63 години.

Во моментов, условите за старосна пензија се: 64 години возраст за мажи, 62 години возраст за жени, најмалку 15 години пензиски стаж.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk