Сабри Азири, член на претседателството на Алијансата за Албанците и политички советник на Арбен Таравари во Министерството за здравството, се спротивстави на одлуката на партијата да излезе од владата. Преку објава на социјалните мрежи тој истакна дека на последниот состанок на претседателството го повикал членството да му се придружат во продолжувањето на вистинскиот пат на АА, за кој го добиле мандатот од гласачите, објави весникот на албански јазик „Лајм“.
Весникот ја пренесува објавата на Сабри Азири преку фејсбук, во која тој порачува: „ Алијанса за Албанците е над сѐ! Карактеристиките кои нас нѐ опишуваат се: градење на функционална држава, борба против криминалот и посветеност кон реформската агенда. Ова е адресата каде што ќе се обрати секој граѓанин кој тежнее за европската перспектива на оваа мала и напатена држава. Наша должност е нашите граѓани и нашите гласачи да не ги оставиме на милост и немилост, да ги предадеме во други раце. Народот и гласачите ни го дадоа гласот за да ги претставиме во најдобро светло. Не за да ги изневериме!
На последниот партиски состанок, пред највисоките партиски органи, јавно кажав: Кој мисли да дојде со мене за заедно да продолжиме да ја водиме Алијансата за Албанците во правец за кој мандат ни дадоа гласачите – повелете да одиме напред!
Кој има поинаква замисла – нека си продолжи по друг пат! Јас и таквите како мене нема да дозволиме уште еднаш да се делиме ниту да ја предадеме Алијансата за Албанците во туѓи прегратки!
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата