logo
logo
logo

Скопјанката Лидија гневна на системот: Не ја хоспитализираа сестра ми со сатурација 93, па за три дена и падна на 55 и почина

Vecer | 16.06.2021

Скопјанката Лидија гневна на системот: Не ја хоспитализираа сестра ми со сатурација 93, па за три дена и падна на 55 и почина

Соња Цаковиќ од Скопје, сопруга и мајка на две деца, која работната кариера ја посветила на педагогијата помагајќи им на деца без родителска грижа, пред два месеца починала како последица на ковид во болницата ,,8 Септември” на 15 април годинава. Нејзината сестра, Лидија Цаковиќ, е гневна на системот.

Таа за „Слободен печат“ тврди дека сестра и се јавувала на лекарски преглед уште во најраната фаза на симптомите на ковид, на Ургентното одделение во ГОБ „8 Септември“, но поради тоа што имала висока сатурација, била одбиена за хоспитализација и испратена дома со антибиотска терапија. Само неколку дена подоцна, откако станало јасно дека нема подобрување од антибиотикот што и бил препишан, со сатурација 55 и со комбе на Итната помош, добила болнички кревет. Меѓутоа, ова бил почеток на крајот, бидејќи за само неколку дена, починала.

– Сестра ми не е статистика, туку мајка на две деца. Беше педагог, работеше во Министерството за труд и социјална политика и беше посветена токму на децата без родители. Помагаше секому. Не можам да си простам што не ја спасив и засекогаш ќе се чувствувам виновна што таа почина, затоа што му верував на здравствениот систем, наместо да ја лекуваме на приватно. Сестра ми се јави на ургентното одделение во ГОБ „8 Септември“ на 7 април и во тешка состојба беше пуштена дома. Во ургентното одделение се јави бидејќи не се чувствуваше добро, позитивна беше на ковид, имаше главоболка, повраќаше и беше малаксана. Ја прегледале, и дале инфузија, нова терапија и ја пуштиле дома. Според извештајот можете да видите во каква состојба била. Утредента ја видов дома, отечена и црвена во лицето. На 12 април викнав Брза помош, видоа дека сатурацијата и е падната на 55 и тогаш доби болнички кревет. Меѓутоа почина за три дена, а јас врескав од болка и се покајав што викнав Брза помош – ни раскажува низ солзи Лидија.

Таа вели дека е гневна што сестра и не била хоспитализирана на време, кога имала сатурација 93 и други сериозни симптоми, но истовремено и се обвинува себеси што викнала Брза помош кога сатурацијата и паднала на 55.

– Многу бевме блиски. Ги прашав докторите зошто не ја примија кога уште можеше да се спаси, кога првиот пат отиде таму, во првата фаза од болеста, но одговор не добив. Нехумано е да не се хоспитализира пациент, а за три дена да му се каже дека доцна дошол во болница и дека е ,,со една нога до Господ”. Доколку се реагираше на време, ситуацијата ќе беше поинаква, вели Лидија, сестра на починатата Соња.

Последниот ден, сатурацијата на 51-годишната жена, која немала никакви претходни болести, паднала на 34. Била реанимирана, но не можело ништо да се стори. Починала три дена по болничкиот прием, на 15 април. Во шок листата на ординирана терапија последниот ден од хоспитализацијата има 21 лек и витамини.

За нејзиното незадоволство од начинот на лекување и ординираната терапија, сестрата на Соња Цаковиќ, се обратила до Лекарската комора и до Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk