logo
logo
logo

Шокантни податоци: ОКОЛУ 12.000 ДЕЦА ВО МАКЕДОНИЈА БИЛЕ ИЗЛОЖЕНИ НА СЕКСУАЛНА ЗЛОУПОТРЕБА ОНЛАЈН

Vecer | 26.08.2026

Шокантни податоци: ОКОЛУ 12.000 ДЕЦА ВО МАКЕДОНИЈА БИЛЕ ИЗЛОЖЕНИ НА СЕКСУАЛНА ЗЛОУПОТРЕБА ОНЛАЈН

Секое десетто дете на возраст од 12 до 17 години кое користи интернет во Северна Македонија, односно околу 12.000 деца, било изложено на сексуална експлоатација или злоупотреба со помош на технологија во период од само една година, покажува новиот извештај „Disrupting Harm“. Истражувањето предупредува дека дигиталната злоупотреба може да се случи целосно онлајн, преку комбинација од интернет и средби во живо, но и преку снимање, споделување или олеснување на злоупотреба со помош на технологија, поради што се бараат посилни системи за превенција, заштита и поддршка на децата.

Последиците по засегнатите деца се длабоки и налагаат навремена поддршка и услуги приспособени кон нив. Децата изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија имале 11 пати поголеми изгледи за самоповредување и 12 пати поголема веројатност да имаат самоубиствени мисли или однесување во споредба со децата кои не доживеале таква злоупотреба. Интервјуираните стручни лица кои работат со деца опишаа долготрајни последици што опфаќаат срам, губење контрола, нарушувања на сонот, стрес и страв дека материјалот кој прикажува злоупотреба ќе остане на интернет засекогаш.

„Зад секоја статистика во овој извештај стои дете чија доверба е изгубена, чија безбедност е загрозена и чија благосостојба е нарушена. Она што го чини ова истражување толку важно не е само тоа што за првпат се мери обемот на проблемот, туку и тоа што се бележат гласовите и животните искуства на самите деца и млади“, рече Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ. „Доказите недвосмислено покажуваат дека заштитата на децата во дигиталното доба бара построги закони, подобри услуги, побезбедни онлајн-средини и отворени разговори со децата.“

Речиси половина од погодените деца (48%) доживеале повеќе од една форма на злоупотреба во годината пред да бидат анкетирани. Повеќе од половина од евидентираните инциденти биле поврзани со социјалните медиуми, додека скоро една третина се случиле преку онлајн-игри. Истражувањето, исто така, покажува дека момчињата и девојчињата биле погодени во слична мера, без значајни разлики во однос на полот, возраста, местото на живеење, дигиталните вештини или степенот на образование на родителите.

Спротивно на перцепцијата дека сексуалната експлоатација на интернет првенствено ја вршат непознати лица, истражувањето покажа дека речиси четири од пет деца (78%) биле изложени на злоупотреба од некој што го познавале. Над половина од сторителите биле полнолетни лица (57%). Особено често сторители биле поранешни или сегашни интимни партнери или лица кон кои детето чувствувало симпатии (во 39% од случаите), како и членови на семејството, кои биле вмешани во повеќе од една четвртина од случаите (27%). Ова укажува на тоа дека штетата често се случува во дигиталната и физичката средина, и е тесно поврзана со односите на доверба и пошироките општествени норми што го нормализираат насилството и ги стигматизираат жртвите на сексуална злоупотреба.

Иако 88% од децата кои биле експлоатирани или злоупотребени раскажале некому за своето искуство, пријавувањето и барањето помош преку формални канали останало исклучително ниско (под 1%). Децата ги навеле срамот, стигмата, несигурноста во врска со процесите на пријавување и недостатокот на доверба во институциите како клучни пречки за барање формална помош.

„Овој извештај ни помага да ја согледаме реалната состојба во нашето општество — како се однесуваат младите онлајн, кои ризици се најчести и каде институциите треба да интервенираат поефикасно. Тој нуди насоки за зајакнување на законската рамка, за поддршка на професионалците кои работат со деца и за унапредување на практичните механизми за превенција и заштита,“ рече заменик министерот за внатрешни работи, Астрит Исени. „Нека ни послужи како патоказ за конкретни чекори: подобра превенција во заедниците и училиштата, поефикасна размена на информации меѓу институциите, јасни процедури за пријавување и постапување, и поддршка за семејствата и децата кои се погодени.“

Извештајот покажува дека иако технологијата го менува начинот на кој се врши злоупотребата, законодавството не секогаш е во чекор со овие промени. Во извештајот се посочуваат неколку правни празнини поради кои децата остануваат ранливи – посебно оние на возраст од 14 до 17 години – и повикува на законски реформи со кои ќе се отстранат овие празнини, ќе се обезбеди одговорност на сторителите и ќе се воспостават подобри и еднакви гаранции за заштита на сите деца..

Преку наодите се нагласува важноста на поцврсти мерки за безбедност на децата на интернет и се повикува на итна акција во секторите заради модернизирање на законодавството, обезбедување пристап до правда, подобрување на системите за пријавување и услугите на заштита, вклучително и поддршка за менталното здравје и психосоцијална поддршка, поголеми инвестиции во превенција како за децата така и за родителите, барање да се дизајнираат побезбедни платформи и да се подобри меѓусекторската соработка меѓу различните сектори во владините институции, технолошките компании, давателите на интернет-услуги и агенциите за спроведување на законот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk