Владата и Министерството за одбрана денеска во касарната „Страшо Пинџур“ во скопски Петровец ги претставија 17 нови лесни оклопни возила „страјкер“ (stryker), набавени од Соединетите Американски Држави.
Министерството за одбрана денеска ги презентираше новите лесни оклопни возила „страјкер“ (stryker), како дел од проектите за модернизација на македонската Армија.
Возилата се набавени од Соединетите Американски Држави, како дел од договорот за опремување на АРМ со лесни оклопни возила. Пристигнати се 17 „страјкери“, а до средината на летото се очекува да биде испорачана целата набавка од вкупно 42 возила.

-Јас да го истакнам моето задоволство, конечно „страјкерите“ се тука, што ќе дојдат и дополнителна количина што ќе ја зајакнат македонската Армија. Голема благодарност до војската, војниците, до старешините до генералите, до министерството за одбрана, до министрот, до луѓето коишто се околу него, заменикот, државниот секретар, до колегите од владата се разбира. Огромна благодарност до нашите стратешки партнери САД, амбасадата на САД кај нас, за сета поддршка и целата логистика којашто ни ја даваат истакна Мицкоски.

Тој потенцира дека ова за нас е од големо значење.
-Ја подобрува оперативноста практично, ја зголемува мобилноста, на самата Армија и на тој начин стануваме поконкурентни споредено со другите Армии. Ние како Влада ќе продолжиме да инвестираме во нашата македонска армија и цениме дека таа е многу значајна. Сакаме да имаме целосно нова современа опрема се разбира во рамките на можностите на буџетот и сите критериуми што се бараат до 2032 година да бидат од наша страна исполнети, тоа што сега претставува минимум, ние сме многу над тој минимум и сме во тие земји коишто инвестираат повеќе од тој минимум што беше до сега 2% од БДП за разлика од некои други земји коишто се уште не го постигнале тој минимум, истакна Мицкоски.

Мицкоски додаде дека им честита за сето ова и посакува успешно да се користат со што на овој начин ја опремуваме и модернизираме нашата македонска Армија.

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски посочи дека ова е еден од најкрупните проекти на Министерството, нагласувајќи дека продолжуваат да работат на многу проекти за модернизација на АРМ.
-Она што го бара НАТО од нас, да вложуваме над 20 проценти во модернизација, ние го правиме уште повеќе. Над 32 проценти од нашиот буџет се директно за модернизација. Следат уште многу проекти. Изминатиов период направивме повеќе договори со нашите пријатели од САД, Влада со Влада. Дел од договорите поминаа со Собранието. Наредниот период очекуваме дополнително вооружување, дополнителна опрема, беспилотни летала, опрема за специјалните единици, истакнува Мисајловски.

Заменик-шефот на Мисијата на Амбасадата на САД, Никол Варнс посочи дека ова е важен ден за Македонија, НАТО и за заедничката безбедност.
Варнс истакна дека со целосната испорака на овие возила, која ќе заврши ова лето, Македонија прави видлив чекор напред во модернизација на вооружените сили и зајакнувањето на своето место во Алијансата.
-Овие „страјкери“ се едноставно повеќе од нови возила во вашиот инвентар. Тие се конкретен знак на нашето партнерство и јасен израз на нашата посветеност да ги браниме нашите земји, Алијансата и вредностите за кои се залагаме, истакна Варнс.

Обуката за користењето на овие возила е во тек.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата