logo
logo
logo

Минчев од Брисел: СЕ СОЗДАВА МОДЕРНА, ПРОФЕСИОНАЛНА И ДЕПАРТИЗИРАНА АДМИНИСТРАЦИЈА

Vecer | 25.03.2026

Минчев од Брисел: СЕ СОЗДАВА МОДЕРНА, ПРОФЕСИОНАЛНА И ДЕПАРТИЗИРАНА АДМИНИСТРАЦИЈА

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, се сретна со директорката за Западен Балкан во Генералниот директорат за проширување и источно соседство при Европската комисија, Валентина Суперти, на маргините на 14-тиот состанок на Специјалната работна група за реформа на јавната администрација, кој за првпат се одржува во Брисел.

На средбата се разговараше за напредокот на Република Македонија во спроведувањето на реформата на јавната администрација, како и за следните чекори во насока на усогласување на националниот систем со европските стандарди, соопшти Министерството за јавна администрација.

Посебен акцент беше ставен на имплементацијата на започнатите реформски процеси, професионализацијата на администрацијата, зајакнувањето на системот базиран на заслуги и унапредувањето на квалитетот на јавните услуги за граѓаните.

– Реформата на јавната администрација претставува еден од клучните столбови во процесот на европска интеграција на државата. Во изминатиот период преземавме значајни законски и институционални чекори, а во следната фаза нашиот приоритет е нивна доследна и ефективна имплементација, со цел изградба на модерна, професионална и департизирана администрација – истакна министерот Минчев.

Во фокусот беше и нацрт-патоказот за реформа на јавната администрација, кој во текот на 2024 и 2025 година беше дополнително усогласуван со Европската комисија, Реформската агенда 2024–2027 и со препораките од извештајот на СИГМА. Патоказот, усвоен од Владата во ноември 2025 година, ги дефинира клучните приоритети за модернизација на јавната администрација.

Министерот Минчев нагласи дека партнерството со Европската комисија останува клучно за успешното спроведување на реформите.

– Очекувам дискусиите во Брисел дополнително да го зајакнат партнерството со Европската комисија и да обезбедат континуирана поддршка за реформските процеси, кои се од суштинско значење за напредокот на Македонија на патот кон членство во Европската унија – истакна Минчев.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk