Со учество на претставници од правосудството, академската заедница и меѓународни експерти, денеска се одржа стручна јавна расправа за новиот предлог-закон за конфискација на имот во граѓанска постапка. Целта на законот е создавање на поефикасен систем за одземање имот стекнат од незаконски извори, независно од текот на кривичната постапка.
Министерот за правда Игор Филков во своето обраќање истакнал дека ова решение е значаен чекор во зајакнувањето на владеењето на правото. Тој потсетил дека првиот ваков закон е донесен во март 2024 година, но анализата на терен покажала потреба од дополнително прецизирање на одредбите.
„Целта на ова законско решение е заштита на јавниот интерес и спречување на располагањето со незаконски стекнат имот“, велат од Министерството за правда.
Новиот предлог-закон предвидува прецизни услови за поведување на постапката за конфискација, јасни надлежности на институциите вклучени во процесот, механизми за финансиска анализа за утврдување на несразмерност помеѓу имотот и законските приходи, мерки за обезбедување на имотот во текот на постапката и гарантирана заштита на правата на засегнатите и совесните лица.
Законското решение, додаваат од Правда, се темели врз начелата на законитост, пропорционалност, транспарентност и итност.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата