logo
logo
logo

ПОЕВТИНО ОД ТАКСИ: Скопје доби електрични возила, инвестиција во еколошката, и сообраќајната иднина

Vecer | 27.05.2025

ПОЕВТИНО ОД ТАКСИ: Скопје доби електрични возила, инвестиција во еколошката, и сообраќајната иднина

Скопје доби нов, модерен систем за целосно електрично споделено возење — „Avant2Go“, кој ветува сериозни придобивки: почист воздух, потивки улици, помал сообраќаен метеж, економски бенефити за граѓаните, и целосна усогласеност со европските зелени политики.

Проектот беше промовиран денеска пред Владата, каде првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и министерката за енергетика Сања Божиновска, градоначалниците Стефковски и Митевски, пристигнаа со електрични возила од новиот систем.

– „Avant2Go“ не е само технолошка новина, туку и стратешка инвестиција во еколошката, сообраќајната и економската иднина на државата – изјави Меџити.

Според него, воведувањето на целосно електрични возила ќе значи нулта емисија на штетни гасови, директно придонесувајќи за намалување на аерозагадувањето, особено во урбаните средини како Скопје.

– Електричните возила се значително потивки од класичните, а според светските стандарди, едно Car-Sharing возило заменува од 10 до 15 приватни возила – додаде Меџити.

Министерката за енергетика Сања Божиновска рече дека со овој проект започнале уште минатата година и дека очекува многумина граѓани во иднина да ги користат овие услуги.

– Благодарност до градоначалниците што овозможија паркинг места. Моментално имаме 100 возила и истите може да се паркираат на повеќе места. Во пилот-проектот во моментов се вклучени општините Аеродром, Гази Баба, Чаир и Кисела вода – рече министерката Божиновска.

Во однос на полначите, Божиновска истакна дека се побарани гаранции за потекло на енергијата, а тоа значи дека таа ќе биде од обновливи извори, а тоа е во согласност со ЕУ препораките за намалување на загадувањето.

– Ова ќе биде достапно на сите граѓани, а цената ќе биде поевтина од такси услугата. Очекувам да има повеќе паркинг места на универзитетите за да може да ги користат и студентите.

Системот „Avant2Go Car-Sharing“ е достапен преку мобилна апликација која уште од денеска може да се најде во продавниците за апликации на „Apple“ и „Google“, која овозможува брзо, едноставно и еколошко користење на електрични возила без потреба од сопственост. Претставникот на компанијата пред новинарите истакна дека очекува наскоро бројот на возила во Скопје значително да се зголеми од првичните 100, а исто така услугата да биде достапна во повеќе градови низ земјава.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk