Охридските дуќанџии се противат на новиот Закон со кој недела се прогласува за неработен ден, а кој на сила стапува од првиот викенд во новата година. Велат, Охрид е туристичко место, туристите претежно доаѓаат за викенд, а со ставањето клуч на врата ќе пропаднат и тие и туризмот и голем број работници ќе останат без работа. Бараат Охрид да биде иземен од Законот, а своите барања ќе ги достават и до локалната и до државната власт.
„Сето ова е направено најмногу на штета на туризмот, на Охрид како туристички центар и се разбира на охридската чаршија и на охридскиот еснаф. Со овој закон сме ставени во кош со сите други градови иако Охрид има една специфика, не работиме преку цела година туку исклучиво за време на викенди, продолжени викенди и за време на летната туристичка сезона“, вели Маја Бакалова, преставник здружението на трговци „Чаршиски еснаф“ Охрид.
Дуќанџиите посочуваат дека првиот удар ќе го почуствуваат за време на новогодишните празници, кога Охрид ќе биде посетен од туристи кои на 2 јануари ќе наидат на затемнети излози и затворени дуќани во охридската чаршија.
„Туристите од сабајле ќе немаат ни паста за заби од каде да си купат, а не па нешто друго. И нам и на големите маркети ни се забранува да работиме, но не и на моловите, а во Охрид таков мол не постои. Најголем проблем, е тоа што не смееме да работиме во недела ниту со дупли дневници“, истакнуваат од „Чаршиски еснаф“.
Според Законот, оние што ќе бидат ангажирани во над 20 дејности кои заради техничко-технолошкиот процес не смеат да бидат прекинати, ќе добиваат најмалку 50 отсто повисока дневница за работа во недела и слободен ден кој ќе можат да го искористат во наредните седум дена. Со новото законско решение ќе биде дозволено да работат моловите, но вработените ќе добиваат двојна дневница. Дополнително, 2 отсто од прометот остварен во моловите во претходната година за работењето во недела и празници ќе бидат наменети за изградба на нови детски градинки.
Во охридската чаршија има над 100 дуќани со по 3-4 вработени. Додаваат дека трудова инспекција веќе на 2 јануари ќе почне со контроли, но најавија дека ќе бараат Општината да има разбирање и да им дозволи да работат сè додека надлежните не најдат решение за нивните барања. Во спротивно, велат ќе бидат приморани да го преполоват бројот на вработени.
Ова се 15-те НАЈЧИТАНИ ПОРТАЛИ ВО МАКЕДОНИЈА! Тие се јавното мислење
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата