„Правните експерти се категорични дека повикот за учество на македонски доброволци во војната во Украина е практично повик за правење кривично дело. Одредбите на Кривичниот законик се јасни и во нив е нагласено дека за македонските граѓани, што ќе учествуваат во странски војски, е предвидена затворска казна.“ – вели Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „Учеството во странски војски е кривично дело“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
„Повикот за регрутирање странски доброволци од Македонија крие многу правни стапици“
Павловска пишува: „Двонеделниот руско-украински воен судир отвори во Македонија расправа за видот на помошта, што таа може да ја упати како поддршка за жртвите на војната, а притоа да биде во рамките на меѓународното воено право. Сериозен предизвик во сите дилеми по тоа прашање создаде повикот на официјалниот твитер-профил на украинската амбасада во Скопје, со кој се бара учество на граѓани од Македонија во Меѓународната легија, нова воена формација во украинската војска, наменета за територијална одбрана на Украина. Поставени се и броеви и мејл-адреси за пријавување, ако македонските граѓани сакаат да учествуваат во воената формација, за да ѝ помогнат на Украина.“
„Колку ваквиот повик за вклучување доброволци од Македонија во воени дејства во друга држава е во согласност со домашните и меѓународни правни акти?“
„Контроверзноста на ваквиот повик на украинската амбасада во земјава е во тоа што имплицира активности спротивни на Кривичниот законик. Во Македонија е казниво дело учество во странска војска. Тоа е спротивно на Кривичниот законик, кој забранува учество на државјани на Македонија во која било војска, или друга странска воена или полициска формација. Со промените на Кривичниот законик во септември 2014 година, оние што учествуваат во странски воени формации ќе бидат казнети со најмалку четири, односно пет години затвор. Овие промени се направени за да се спречи екстремизмот, односно учеството на нашите државјани во војните на Блискиот Исток, Сирија или Ирак, да се спречи нивното приклучување на различни воени формации како ИСИС.“
„Без разлика со каква причина е донесен законот, со кој се забранува учеството на македонски граѓани во странски војски, тој е во сила за сите случаи. Тоа е кривично дело. Треба внимателно да се разгледа дали повикот на украинската амбасада во земјава на некој начин го допира овој закон. Амбасадата можеби има дипломатски имунитет, но не може да повикува македонски граѓани на кривично дело. Никако не е мудар потег активна поддршка од овој вид од страна на Македонија за Украина.’ – вели универзитетскиот професор по кривично право Гордан Калајџиев.“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата