Пратеничката Велика Стојкова Серафимовска поставила прашање до Владата на Македонија - според кој критериум Горјан Тозија, надворешен соработник во Канцеларијата на претседателот на Владата, е поставен за национален координатор за одржлив развој на преспанскиот регион.
Се очекуваше одговор од владата со набројување економски способности, претходно реализирани развојни проекти, познавање на теренот, културата и содржините во преспанскиот регион... но, владата даде објаснување дека најголем дострел на избраниот Горјан Тозија е што бил добар за - организирање погреби, па дури се наведуваат и примери:

- Се покажал при организација на погребот на поранешниот претседател Борис Трајковски, според владата тоа бил еден од најдобро организираните пет погреби (не се кажува во која конкуренција е тој ранг)
- Како засилување на квалитетот на Тозија се наведува и дека бил добар при организација на погребот на некогашниот косовски претседател Ругова...
Други погреби не се спомнуваат во дописот од владата, сметаат дека се доволно овие два примери. Тозија, специјалистот за свечени погреби, инспириран од нив се покажал за комеморации и споменици па се спомнува дека организирал за Пелинце и Небрегово.
Патем, Антикорупциската комисија отвори предмети за работата на Тозија за предвремената исплата на сите одобрени филмски проекти од Агенцијата. Предметот ја испитуваше законитоста на ургентното исплаќање на сите филмски проекти од страна на Агенцијата за филм во март на почетокот на коронакризата.
Исто така, „Транспаренси интернешнел Македонија“ на 6 јули 2020 до Основното јавно обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против Тозија за незаконските исплати од Агенцијата, врз основа на новинарски извешаи. Кривичната пријава е за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба, казниво по член 353 став 1 и 5 од Кривичниот законик, а во врска со член 34 од Законот за филмската дејност.
Ништо од наведеното во дописот од владата до Собранието како аргумент за изборот на Тозија нема никаква допирна точка со развојот на преспанскиот регион, освен ако немале намера регионот да го претворат во национлани гробишта, центар за комеморации и споменици.
Во нормална држава ова би било сфатено и читано како карикатура на една функција или иронија на разочаран писател. Но, не. Ова е вистински допис од влада до државен орган - Собрание на Македонија и пратеник во Собранието.
Владата, фасциниран љубител на погребни церемонии, пред своите граѓани уште еднаш потврди дека залутале на функциите.

Ова се 15-те НАЈЧИТАНИ ПОРТАЛИ ВО МАКЕДОНИЈА! Тие се јавното мислење
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата