Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговори и за обвинувањата дека се води селективна истрага, при што потенцираше дека истрагата ја води Обвинителството и дека тој ниту се јавил, ниту комуницирал со некој обвинител.
-Тоа прашање ќе треба да го упатите во обвинителството бидејќи обвинителството ја води истрагата, не ја води владата, не ја водам јас. Ние преку Министерството за внатрешни работи постапуваме на основа на барање на Јавното обвинителство. Тоа што обвинителството го има како барање до МВР тоа е исполнето буквално во истиот момент. Јас нема да се мешам во истрагата, така реков од првиот момент, ниту пак сум се јавил кај некој на телефон ниту сум комуницирал со некој од обвинителството затоа што да не излезе дека премиерот врши притисоци во истрагата итн, нагласи Мицкоски.
Мицкоски додаде дека е брифиран од страна на министерот за внатрешни работи за многу тековни активности, а ова е прв приоритет за него како претседател на владата.
- Јас не би се вплеткал во политички реторика ниту коментар на овие политички лешинари кои се обидуваат да заштитат криминогено однесување на некои претходни официјални лица во одредени министерства. Обвинителството е тоа, потоа судовите кога ќе има обвинение. Тие се оние кои треба да го кажат последниот збор и апелирам до сите политички чинители да ги остават судиите и обвинителите да си ја сработат работат – рече Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата