logo
logo
logo

КУЛТУРАТА Е ТЕМЕЛ ВРЗ КОЈ СЕ ГРАДИ НАЦИЈАТА: Обновена музејска поставка во Археолошкиот музеј

Vecer | 07.09.2025

КУЛТУРАТА Е ТЕМЕЛ ВРЗ КОЈ СЕ ГРАДИ НАЦИЈАТА: Обновена музејска поставка во Археолошкиот музеј

Во пресрет на Денот на независноста вечерва во Археолошкиот музеј е отворена обновената музејска поставка со којашто нашето културно наследство е прикажано на подостапен и интерактивен начин. На површина од 6.000 метри квадратни, распоредени во 107 модерни витрини, посетителите ќе можат да откријат повеќе од 5.000 археолошки предмети – од палеолитските алатки, неолитските култури, бронзеното и железното време, па сè до антиката, средниот век, османлискиот период и поновата историја од 19 и 20 век.

Поставката е организирана во 18 оддели, а, според Археолошкиот музеј, таа е вистинско патување низ времето и сведоштво за животот и културата во земјава од најстарите траги се до 20-тиот век.

Посебно значење имаат новите археолошки наоди откриени во последните години на истражувањата во Корошишта, Скупи, Тумба Маџари и на други локалитети. Тие сведочат дека археологијата не е завршена приказна, туку процес којшто постојано не изненадува и не збогатува со нови сознанија, рече директорката на Археолошкиот музеј Магдалена Манаскова.

Како што посочи, вечерва Археолошкиот музеј отвара едно ново поглавје и станува место каде посетителите ќе се враќаат повторно секогаш наоѓајќи нешто ново.

За министерот за култура Зоран Љутков, со реотворањето на оваа автентична музејска поставка, се оддава почит на целото патешествие на овој народ, на неговата постојаност и на неговото достоинство.

Затоа денес, не само што се присетуваме на 8 септември 1991 година, туку и одново ја потврдуваме смислата на еден историски избор. Да покажеме дека независноста е најжива тогаш кога корените се видливи, кога историјата не се затскрива, кога културното наследство не се претвора во заложник на дневните политички пресметки. Денес ја прославуваме тивката, но најдлабока победа – победата на вистината, нагласи Љутков во својот говор.

Независноста, како што рече, не се мери само со декларации и датуми, туку со тоа колку сме подготвени да се прифатиме себеси, да ја прифатиме сопствената историја и да ѝ дадеме глас, простор и почит.

Денес, Македонија ја враќа својата вистина – не декларативно, туку материјално, јасно и видливо. Секоја витрина во овој музеј сега зборува со автентичен, научно заснован јазик. Секоја просторија е сведоштво за тоа кои сме, од каде доаѓаме и зошто оваа држава ја заслужуваме, рече Љутков.

Посочи дека по речиси седум години, првичната музејска поставка во Археолошкиот музеј се враќа во својот автентичен, научен и достоинствен облик.

-За жал, ниту музеите не беа поштедени од обидите за редефинирање на нашата колективна меморија. Дури и оваа, една од најзначајните институции на националната култура, беше подложена на погубна, себепонижувачка политика, која од петни жили се обидуваше да нè оддалечи од самите себе. Се менуваа поставки, се складираа артефакти, се бришеше континуитетот – сè во служба на туѓ интерес, а на сопствена штета, подвлече Љутков.

Годинава, преку Министерството за култура и туризам ќе се финансираат 49 археолошки истражувачки проекти со вкупна инвестиција од 17 милиони денари, односно 276 илјади евра. Од нив, 39 се проекти на национални установи, пет на локални музеи и пет на други истражувачки субјекти.

-Оваа држава има иднина затоа што не се срами од своето минато. И токму затоа, на овој 8 Септември, нека ни биде јасно – независноста е жива кога вистината е жива. А музеите, почитувани пријатели, се најтивките, но најупорните бранители на таа вистина, нагласи Љутков.

Според премиерот Христијан Мицкоски, отворањето на оваа поставка не е само културен чин, туку силна порака дека земјава ја цени својата историја.

-По речиси седум години мораторум на претходната влада врз ваков значаен сегмент од нашата култура денес испраќаме порака дека нема повеќе застој, нема запоставување на она што е темел на нашиот идентитет. Нашата задача е да ја отвориме Македонија пред светот, да и овозможиме на јавноста, туристите, младите генерации да ја почувствуваат големината на културното наследство со кое располагаме, рече Мицкоски во својот говор.

Новата поставка, како што посочи, е повеќе од музејски експонат.

-Таа е прозорец кон светот со која ја унапредуваме промоцијата на нашата култура, ја јакнеме туристичката понуда и ја потврдуваме позицијата на Македонија со длабоки корени и јасни визија за иднината, порача премиерот на отворањето на поставката во Археолошкиот музеј.

-Отворањето на новата поставка во Националниот археолошки музеј не е само културен чин, туку и силна порака дека Македонија ја цени својата историја и ја претвора во светло што ја води иднината.“, вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата на Република Македонија.

Премиерот Мицкоски посочи дека повеќе нема застој и запоставување на нашиот идентитет, потенцирајќи дека задача и цел на оваа Влада е да ја отвори Македонија пред светот, да ѝ овозможиме на јавноста, на туристите, на младите генерации да ја почувствуваат големината на културното наследство со кое располагаме.

фото: Влада
фото: Влада

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, премиерот Христијан Мицкоски и директорката на Археолошкиот музеј Магдалена Манаскова / Фото: Влада

По речиси седум години мораториум на претходната влада врз ваков значаен сегмент од нашата култура, денес испраќаме порака дека нема веќе застој, нема запоставување на она што е темел на нашиот идентитет. Нашата задача е да ја отвориме Македонија пред светот, да ѝ овозможиме на јавноста, на туристите, на младите генерации да ја почувствуваат големината на културното наследство со кое располагаме.“, нагласи тој и додаде:

Археологијата не е само минато- тоа е живо сведоштво за развојот, креативноста и упорноста на нашите предци. Со оваа нова поставка, како што посочија веќе од Националниот археолошки музеј, нашето културно наследство ќе биде прикажано на уште подостапен, интерактивен и инспиративен начин. Тоа е инвестиција во знаење, во културна самосвест и во национална гордост.

фото: Влада
фото: Влада

Мицкоски: Археологијата не е само минато- тоа е живо сведоштво за развојот, креативноста и упорноста на нашите предци / Фото: Влада

Македонија има што да покаже и што да понуди. Од најстарите артефакти на овие простори, преку исклучителните археолошки откритија што ги претставуваат големите цивилизации што поминале овде, па сè до богатствата што ја дефинираат нашата уникатна улога во европската и светската културна историја.“

Мицкоски изрази благодарност за сите кои што работеа на оваа поставка, додавајќи дека културата е темелот врз кој се гради една нација.

Оваа нова поставка е повеќе од музејски експонат- таа е прозорец кон светот. Со неа ја унапредуваме промоцијата на нашата култура, ја јакнеме туристичката понуда и ја потврдуваме позицијата на Македонија како држава со длабоки корени и со јасна визија за иднината. Дозволете ми да изразам благодарност до сите што работеа на оваа поставка – од археолозите, историчарите, кураторите, до целокупниот тим кој вложи труд, знаење и страст. Вие сте мостот помеѓу минатото и иднината.“, потенцираше тој.

фото: Влада
фото: Влада


Културата е темелот врз кој се гради една нација. Ние сме тука да гарантираме дека тој темел ќе биде силен, видлив и достапен за секој граѓанин и за секој посетител кој ќе дојде да ја открие убавината на Македонија.

Нека ова отворање биде потсетник дека сме должни да чуваме, негуваме и промовираме сè што претставува душа на нашата татковина.“, дециден е премиерот Мицкоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk