logo
logo
logo

Имало повеќе пријави

ЌЕ СЕ ЧЕШЛААТ НАЈМАЛКУ 6 -7 ПРЕДМЕТИ: Судскиот совет КОНЕЧНО се заинтересира за соѕиданите 350 илјади евра на нивниот колега Ристов

Vecer | 03.02.2026

ЌЕ СЕ ЧЕШЛААТ НАЈМАЛКУ 6 -7 ПРЕДМЕТИ: Судскиот совет КОНЕЧНО се заинтересира за соѕиданите 350 илјади евра на нивниот колега Ристов

Соѕиданите 350 илјади евра во ѕидот ја отворија вратата за судијата Ѓоко Ристов – Судскиот совет конечно формираше комисија која ќе го истражува работењето на нивниот колега кој во моментов е во домашен притвор.

Иако на почетокот, кога беа откопани парите, претседателот на Советот, Камбовски велеше дека не се сеќава точно дали имало пријави против Ристов, сега откри дека имали минимум две пријави – една анонимна, една од вработени во Апелација. Ќе се чешлаат најмалку 6 до 7 предмети.

За извештајот што ќе открие комисијата ќе се чека до крајот на неделата. Сепак, нема никакви гаранции дека било кои од овие случаи се поврзани со заѕиданите пари.

Случајот со судијата Ристов ја крена на нозе не само правната фела, туку целата јавност, откако полицијата и обвинителството за гонење на организиран криминал како во трилер филм му најдоа 350 илјади евра соѕидани позади кујнски плочки.

Првите сомнежи за корупција се појавиле пред осум до девет месеци, откако сведоци почнале да пријавуваат влијание од адвокати и барање мито за различни предмети.

Во истрагата биле вклучени АНБ, Финансиската полиција и Управата за финансиско разузнавање, а со техничка опрема на Истражниот центар на Обвинителството биле пронајдени парите.

Работата станала појасна по приведувањето на поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, осомничен за давање мито од 100 илјади евра, наводно побарани од Ристов за укинување притвор во предметот „Синџир“.

Истражителите проверувале три локации, како и стан од 150 квадрати во Тафталиџе, кој не бил пријавен во Антикорупциска и за кој постои сомневање дека судијата незаконски го стекнал.

Родителите на судијата тврдеа дека парите се нивни и потекнуваат од земјоделие, за подоцна да се предомислат и да изјават дека парите се од фотоволтаици.

И покрај пронајдените пари, судијата е во куќен притвор поради активно боледување, за што обвинителството оценило дека нема ризик од бегство.

Фото: Креирана фотографија

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk