„Оставете нѐ да се европеизираме на патот, да станеме компатибилни со она што го бараат Копенхашките критериуми. Како? Не губејќи го времето на решавање на историски прашања бидејќи тие се исклучени од идентитетските, од конститутивните акти на ЕУ, преку членот дека ќе се почитуваа националниот и културниот идентитет, и да се концентрираме на европеизацијата“.
Вака истакна претседателката Гордана Сиљановска – Давкова во мега интервјуто за МИА, што ќе биде објавено викендов.
Во однос на прашањето за нејзината порака од Бугарија каде што учествуваше на самитот на шефови на држави и влади на ПСЈИЕ, дека процесот на проширување на ЕУ мора да се темели на Копенхашките критериуми, таа одговори дека не може европскиот конституционализам да опстои ако не ги почитува сопствените вредности.
– Членот 2 на Договорот за ЕУ, повикува на почит на дигнитетот, слободата, еднаквоста, демократијата, владеењето на правото, на човековите права, вклучувајќи ги и малцинските. Тоа е нешто што е врзано директно за Копенхашките критериуми од 1993-тата година – вели претседателката Гордана Сиљановска Давкова и додава дека на овој член се повикува членот 49 од Договорот за ЕУ кога вели дека нивното исполнување е услов, и тоа не само политички, туку и правен услов за членство.
Уште поважен, можеби и порелевантен за нашиов случај, како што рече, е членот 4, став 2, „нешто што ние во уставното право го нарекуваме клаузула на национален идентитет, бидејќи јасно се вели дека Унијата ќе ја почитува еднаквоста на сите членки, не само на тие внатре, туку и на оние коишто сакаат да влезат внатре“.
– Зошто? Бидејќи се однесува на националниот идентитет, на културниот идентитет и ова најважното – инхерентен на фундаменталните политички и уставни структури на државата, додаде претседателката.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата