Македонски државјанин од Струга е уапсен во Албанија откако полицијата во Елбасан во комбе открила еден килограм хероин, за кој се сомнева дека бил прошверцуван преку нелегален премин на македонско-албанската граница.
Албанската полиција соопшти дека акцијата била реализирана на патниот правец Булќиза–Либражд, каде што било запрено сомнително комбе за рутинска контрола.
Во возилото се наоѓале 32-годишниот Л.Г. од Струга и 45-годишниот А.Б. од Драч, а при деталниот претрес полицајците откриле дека во една од гумите бил скриен еден килограм хероин.
„Сомнителното возило, во кое патувале државјанинот од Република Македонија, Л.Г.(32) од Струга и албанскиот државјанин А.Б.(45) од Драч, било запрено за проверки на патниот правец Булќиза-Либражд. При контрола во гума на возилото откриени и запленети се килограм хероин, прошверцуван од македонска на албанска територија, преку зелениот појас на границата“, се наведува во полициското соопштение.
Според истрагата, наркотикот бил наменет за продажба на албанскиот нарко-пазар.
Покрај хероинот, полицијата како материјални докази ги одзела и комбето од марката „Фиат“, два мобилни телефона, како и 40.000 албански леки, 50 евра и 290 македонски денари.
Целокупната документација е доставена до Обвинителството во Елбасан, кое ќе ја води понатамошната постапка.
Уапсените ќе одговараат под сомнение за кривичното дело „трговија со наркотични супстанции“, согласно албанското законодавство.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата