Денес, повторно се обраќаме до Венко Филипче и раководството на СДСМ, за прашање од врвен национален и државен интерес, прашање кое ја засега суштината на нашата демократија, транспарентноста на политичкото дејствување и заштитата на македонските национални интереси.
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, во изминатиот период, со факти и докази ја отвори дилемата за поврзаноста на бизнис интересите на раководството на СДСМ во Република Бугарија и нивните политики кон соседната држава.
Наместо одговори, добивме само обиди за релативизација и заглушувачки молк.
Денес, тој молк мора да заврши.
Им должите одговори на македонските граѓани кои се единствениот и краен авторитет во оваа држава.
Затоа, секое молчење, избегнување или криење зад политички конструкции нема да биде сфатено како тактика, туку како непочитување кон народот и кон државата.
Имено, според официјалните податоци од Трговскиот регистар на Република Бугарија, кои Ви ги презентираме во прилог, Венко Филипче е единствен сопственик и управител на компанијата „ПАУЪР АЙ8“ ЕООД.
Како што може да се види од документите, Филипче е наведен како „Едноличен собственик на капиталот“ и како „Управител“ на оваа компанија.
Седиштето на оваа компанија е во градот Петрич, на адреса булевар/улица „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ бр. 12.
Интересно е што на истата адреса, „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ бр. 12 во Петрич, е регистрирана и компанијата „ГОМАСИДРА“ ЕООД, во сопственост на Вице Заев.
Ова недвосмислено укажува на постоење на испреплетена бизнис мрежа на највисоките структури на СДСМ во соседна Бугарија.
Затоа, го повикуваме Венко Филипче да излезе пред народот, чиј суверенитет, според Член 2 од Уставот, е изворот на власта, и да одговори:
1. Дали е точно дека тој е сопственик на компанијата „ПАУЪР АЙ8“ ЕООД во Петрич, Република Бугарија?
2. Со какви дејности се занимава оваа компанија и колкав капитал и имот поседува во соседната држава?
3. Дали овие бизнис интереси, кои очигледно ги има заедно со семејството Заеви, се причината за неговото инсистирање по секоја цена да се направат уставни измени под бугарски диктат?
4. Дали Филипче, кога ги застапува своите политички ставови за уставните измени и односите со Бугарија, се води од обврската од Член 49 од Уставот, или пак неговите ставови се условени, ублажени или компромитирани поради грижата за неговиот личен имот и капитал во Петрич?
Граѓаните имаат право да знаат.
Ова не е само политичко, туку и законско и морално прашање.
Молкот не е одговор.
Молкот е признание.
Очекуваме Филипче да собере храброст и да се соочи со вистината и со граѓаните.
Да објасни дали неговите политички ставови се резултат на неговите лични убедувања или се исклучиво во интерес на неговите бизнис релации со Бугарија.
Македонскиот народ заслужува одговори.
Македонија не смее да биде заложник на ничии лични и деловни интереси.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата