logo
logo
logo

ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА - Кој е ставот на политичките партии и нивните лидери?

Vecer | 04.06.2025

ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА - Кој е ставот на политичките партии и нивните лидери?

Откако ЛДП и Демократскиот сојуз доставија предлози за измена на Избориот закон до Собранието, а ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ изразија начелна согласност за иницијативата за една изборна единица, во ДУИ се согласија ако има изборен праг од 5%, од ВЛЕН размислуваат, повторно се актуелизира прашањето околу потребата за напуштање на изборниот модел со шест изборни единици и воведување модел според кој земјава ќе биде една изборна единица со отворени листи, како можност граѓаните да добијат вистинска шанса да го валоризираат својот глас на избори.

Зијадин Села со АА е за 8 изборни единици, ДУИ за една, во ВЛЕН размислуваат дали една, три или осум изборни единици

Иако се во коалиција Европски фронт, Алијанса за Албанците на Села имаат сосема различен став од ДУИ во однос на иницијативата за една изборна единица.

Претседателот на партијата Зијадин Села останува на својот став кој го застапува од порано дека за нив единствено е прифатливо 8 изборни единици. Една изборна единица е на штета на Албанците, рече тој.

- Ние сме против една изборна единица, сме за осум изборни единици, затоа што тоа е модел кој се истражува и би донел развој. Сме против една изборна единица поради демографските околности што ги имаме, сме против затоа што ниту еден албански политички субјект нема присуство на целата територија на С. Македонија, и како таква, една изборна единица би била штетна и би довела само до намалување на бројот на албански пратеници. Ние сме за отворени листи. Сме за дијаспората да гласа по пошта, од својот дом, таму каде што живее, и да го испрати гласачкото ливче по пошта, овде да се преброи, порача Зијадин Села.

Градоначалникот на Тетово и дел од ВЛЕН, Биљал Касами вели дека неговата коалиција размислува дали да ја поддржи идејата за една, три или осум изборни единици.

– Ова е едно комплексно прашање. Не е едноставно да се произнесеме сè уште во рамките на ВЛЕН се формира како став за тоа што посебните партиите дел од коалицијата во минатото, имале свои ставови дали за една, дали за три или за осум изборни единици, но на крај на денот треба да имаме предвид дека секоја промена на изборниот законик и реорганизација на нели изборните единици треба да пазиме да нема етнички реперкусии. Затоа ние кога ќе изградиме заеднички став, тоа ќе го објасниме и ќе дадеме и наши образложение зашто стоиме одзади тој став, истакна Касами денеска во Тетово.

ДС и ЛДП поднесоа предлози за измена на изборниот модел

Иницијативата за една изборна единица со отворени листи и без изборен праг во понеделникот ја доставија од ЛДП.

Претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, исто така во понеделникот, го достави до Парламентот Предлог -Законот за измени на Изборниот законик со кој се предлага Македонија да биде една изборна единица.

- Ваквите измени ќе значат силен поттик на демократизација на изборниот процес и на државата во целина, како и демонтажа на „еднопартискиот систем“ на владеење и зголемување на одговорноста на извршната и законодавната власт, рече Трајанов.

Во процесот на носење на круцијални одлуки, додава тој, ќе бидат вклучени повеќе партии и ќе јакне законодавна контрола над извршната власт.

- Со измените, зад секој пратеник ќе стојат ист број на гласачи ,а не како досега во изборна единица шест пратеник да се бира со 6 300 гласа, а во изборна единица три, со 10 илјади гласа. Предлагаме да остане пропорционалниот модел, без изборен праг, а пратениците да се пресметуваат по Донтовиот модел. Со предлогот се овозможува и самостоен настап на партиите од помалите етнички заедници и се гарантираат места во Парламентот доколку имат поддршка од гласачи потребни за пратеник, истакна лидерот на ДС.

Во врска со идејата за отворени листи тој укажа дека таа се уште не е добро проучена, а искуствата во другите држави покажале многу слабости.

- Предлагаме на претстојните локални избори да се почне со отворени листи за советници само во неколку општини (Центар, Струга и Гевгелија), напомена Трајанов.

Според него, предлог законот за измена на изборниот законик, можат пратениците да го дополнат и со забелешките на ОБСЕ И ОДИХР.

Демократскиот сојуз, нагласуваат од партијата, повеќе од 15 години ја актуелизира потребата од коренити измени на изборните правила, идеја која има и огромна граѓанска поддршка, но досега оваа заложба беше блокирана со флоскулата „општ консензус“. Последниот обид (предлог поднесен во 2022 година ) за Македонија да биде една изборна единица беше блокиран од СДСМ и ДУИ.

Начелно и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го прифаќаат предлогот, а за една изборна единица се изјаснија и од ДУИ, но со 5 посто изборен праг.

Мицкоски е за една изборна единица и гласање на дијаспората

Премиерот Христијан Мицкоски во изјава за медиумите во понеделникот, за предлогот на ЛДП истакна дека пратеничката група на ВМРО -ДПМНЕ ќе поддржи предлог за една изборна единица со право да гласа и дијаспората.

- Да го видам законот. Инаку, ако принципиелно заборуваме за една изборна единица, јас тоа го кажав и во Парламентот, бидејќи беше поставено пратеничко прашање дека ние со Законот за локална самоуправа ја игнорираме дијаспората итн. Јас еве дадов предлог да имаме една изборна единица со можност да гласа и дијаспората онаму каде што законите и Уставот на државите дозволуваат тоа да биде и надвор од дипломатско-конзуларните претставништва. Јас тоа го кажав. Онаму каде што не дозволува во рамки на дипломатско-конзуларните претставништва, се сеќавам беше и тема на партиски дијалог пред неколку години но за жал не се успеа тогаш да се направи поради тоа што не бевме подготвени. Но принципиелно како ВМРО-ДПМНЕ реков и еве ќе повторам пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ние ќе поддржиме една изборна единица во која што право ќе имаат да гласа и дијаспората, бидејќи беше адресирано така што ние како Влада некое право оспоруваме, а тоа беше правото на дијаспората да гласа. Тоа беше мојот одговор, да бидеме прецизни, рече Мицкоски.

Тој потенцира не гледа причина зошто ова да не се случи до следните парламентарни избори доколку се направат подготвки на дипломатско-конзуларните претставништва.

- Сега до следните можеби локални избори во ред ќе си завршат сега, но до следните парламентарни избори имаме неколку години, така што еве ако навреме си ја фатиме работата можеме да ги подготвиме и дипломатско-конзуларните претставништва итн. Не гледам причина зошто тоа да не се случи, рече Мицкоски.

Прашан дали за оваа идеја има консензус, премиерот нагласи дека нема политичка дебата за да се бара компромис и консензус.

-Јас не сум отпочнал политичка агенда за да барам консензус на оваа тема, бидејќи како што вашиот колега го постави прашањето тоа е предлог на друга политичка партија. Јас својот став го кажав како одговор на прашање од страна на пратеник и тоа е тоа. Досега не сме седнале да разговара со никого на оваа тема. Инаку немаме политичка дебата, ниту пак некаква наша политичка агенда да седнеме, да разговараме, да бараме компромис и консензус, рече Мицкоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk