logo
logo
logo

Резолуцијата на СДСМ за ЦРВЕНИТЕ ЛИНИИ СЕУШТЕ НЕ Е ДОСТАВЕНА ДО СОБРАНИЕТО

Vecer | 04.11.2025

Резолуцијата на СДСМ за ЦРВЕНИТЕ ЛИНИИ СЕУШТЕ НЕ Е ДОСТАВЕНА ДО СОБРАНИЕТО

Црвените линии на Венко Филипче и на СДСМ за позицијата на Македонија при преговорите со ЕУ, сè уште не се доставени во Собранието.

Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска информираше дека претседателот на СДСМ и пратеник, Венко Филипче, досега не ја доставил резолуцијата до законодавниот дом, за да може да биде ставена на дневен ред на пленарна седница.

Филипче летово најави дека СДСМ ќе поднесе резолуција за македонските црвени линии во Собранието со која се штити македонскиот идентитет и повика таа да биде усвоена со консензус од 120 пратеници.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ експресно го отфрли предлогот, со образложение дека Филипче праќа порака до Бугарите дека е подготвен на сè.

Премиерот Христијан Мицоски, пак, коментираше дека опозицијата со пазарџиски трикови сака да спакува нов подарок за источниот сосед, односно, нова отстапка на грбот на македонскиот народ.

Филипче на 25 септември ја обелодени содржоната на резолуцијата која се потпира на две главни точки – Владата и сите институции доследно да се придржуваат кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со ЕУ и дека Македонија е подготвена да ги исполни обврските од Преговарачката рамка со ЕУ, вклучувајќи ги и уставните измени, со јасна определба дека е тоа последната пречка, без прифаќање на нови барања или прашања од билатерален и идентитетски карактер.

Документот, како што посочи, содржи и конкретна временска рамка, односно, Владата од 15 до 25 ноември 2025 година да се изјасни дали останува на истиот текст или подготвува и предлага нов текст на уставните амандмани.

Ако предлага нов текст на амандманите, тој да биде усвоен од Владата и доставен до Собранието до 1 декември 2025 година.

Во резолуцијата се предлага и Собранието да ја почне постапката за измена на Уставот и да се достигне до фазата на прво гласање најдоцна до 15 декември 2025 година, а Собранието да ја заврши постапката најдоцна до 10 февруари 2026 година и истиот ден Владата да испрати писмо до државите членки на ЕУ и до Европската комисија дека е исполнета нашата обврска за одблокирање на преговарачкиот процес.

Филипче пред локалните избори изборите повика и за резолуцијата подетално да се разговара по изборниот процес.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk