logo
logo
logo

Сите нешто кажуваат, но ОВА СЕ БРОЈКИТЕ ЗА НАЈГОЛЕМИОТ ПРОБЛЕМ - ВРАБОТЕНОСТА, и одат кон подобрување

Vecer | 06.09.2025

Сите нешто кажуваат, но ОВА СЕ БРОЈКИТЕ ЗА НАЈГОЛЕМИОТ ПРОБЛЕМ - ВРАБОТЕНОСТА, и одат кон подобрување

Невработеноста во Македонија продолжува да се намалува и во второто тримесечје од 2025 година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Стапката на невработеност е сведена на 11,5 проценти, што претставува најниско ниво во последната година. Во споредба со првото тримесечје од 2025 година, бројот на невработени лица е намален за 1,3 проценти, а во споредба со истиот период минатата година намалувањето изнесува дури 7,2 проценти.

Според официјалните бројки, во земјава како активно население се евидентирани 792.746 лица, од кои 701.369 се вработени, а 91.377 се невработени. Половата структура и понатаму покажува значајни разлики: од вкупниот број невработени, две третини се мажи (65,5 проценти), додека жените сочинуваат 34,5 проценти. И кај вработените поголем удел имаат мажите – 57,2 проценти, наспроти 42,8 проценти жени.

Во споредба со претходните квартали, трендот е јасен. Во првото тримесечје од 2025 година стапката на невработеност изнесуваше 11,7 проценти, додека на крајот на 2024 година беше 11,9 проценти.

Тоа значи дека во изминатава половина година е забележан постепен пад на невработеноста, со речиси постојан број на активно население. Во второто тримесечје од 2024 година, пак, стапката на невработеност беше 12,5 проценти, што значи дека за една година бројот на невработени лица е намален за повеќе од седум илјади.

Забележливо е зголемување на неформалната вработеност. Таа сега опфаќа 98.095 лица, што е за 8,5 проценти повеќе од првото тримесечје. Повеќе од половина од неформално вработените (51,4 проценти) се во секторот земјоделство, шумарство и рибарство, а значителен дел – 17,1 процент – во градежништвото.

Од една страна, официјалните бројки за невработеност се охрабрувачки и покажуваат постепено подобрување. Од друга страна, растот на неформалната економија отвора сериозни прашања за стабилноста и квалитетот на работните места. Неформално вработените често остануваат без социјална заштита, здравствено осигурување и пензиски придонеси, што на долг рок го слабее системот и ја зголемува несигурноста на работната сила и потребни се законски стимулации за вработените како “надворешно ангажираните, или неформално вработени“ да се трансформираат во редовен работен однос.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk