Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најави нов развој на настаните во врска со предметот „Мазут“. Станува збор за истражната постапка која траеше повеќе од една година, сè до моментот кога пред две недели надлежната обвинителка Катерина Коларевиќ одлучи да ја затвори.
Во случајот беа осомничени 13 лица, меѓу кои бизнисмените Ратко Капушевски, Асмир Јахоски и Ерџан Сулкоски, екс-директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, и други, за злоупотреба на службената положба и перење на пари.
Обвинителката Коларевиќ изјави дека доказите прибрани во истрагата наводно не оделе во прилог на поднесување обвинение кое би опстојало на суд. Министерот за внатрешни работи, пак, во интервјуто, вели неговите сознанија се поинакви.
„Затоа што знам некои докази коишто вие не ги знаете. И не може да ги знаете. А јас ги знам заради тоа што морам да ги знам. И ќе бидете шокирани и Вие и целокупната македонска јавност кога ќе дојде време да бидете шокирани. Ама позитивно. И тврдам дека ќе дојде тој ден. Заради тоа што за вакви дејствија ако ние оставиме така да се затворат, тогаш јас не треба да го работам ова што го работам во моментов. Нити па било кој од тие коишто работат во рамки на Министерството за внатрешни работи и особено во Јавното обвинителство треба да се таму каде што се. Треба да си одат од таму. Треба да дојдат некои нови, ако за овој предмет со тие докази што јас ги имам видено лично, остане вака приказната каква што е“, изјави министерот Тошковски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата