Под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска во Галичник беше свечено промовирана иницијативата на Месната заедница Галичник за зачувување, обновување и одржлив развој на еден од најпрепознатливите симболи на македонскиот културен идентитет и традиција.
Пред претставниците на дипломатскиот кор, меѓународните организации и бизнис секторот, како и во присуство на градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, Онер Јакупоски, претставниците на месната заедница, предводени од претседателот Огнен Караѓозовски, презентираа сеопфатен план за заштита, унапредување и ставање во функција на објекти од исклучително историско, културно и општествено значење. Оваа благородна иницијатива конкретно опфаќа итни активности за заштита и ревитализација на вилата „Доста“, Културниот дом, Административниот објект и препознатливата Галичка фурна.

Во рамките на настанот, високите гости и учесници имаа единствена можност да ги посетат клучните знаменитости на ова митско македонско место, вклучувајќи ја традиционалната галичка куќа „Филиповска“, спомен-куќата на Ѓоргија Пулевски, како и преубавите цркви „Света Петка“ и „Свети Петар и Павле“. На овие локации беше направен посебен осврт на Галичката свадба како една од највпечатливите и светски препознатливи културни манифестации на нашата земја.
Претседателката Сиљановска Давкова во своето емотивно обраќање истакна дека Галичник е многу повеќе од обичен музеј под отворено небо, бидејќи неговото бесценето наследство живее во камените куќи, во црквите, песните, обичаите и во спомените на генерациите кои постојано со гордост му се навраќаат. Според неа, секој вложен напор во ова место е директно вложување во заедничкото културно наследство и во иднината на државата.
Поздравувајќи ја визијата на Месната заедница Галичник, таа упати силен повик за пошироко и цврсто партнерство меѓу државните институции, локалната самоуправа, деловната заедница, македонското иселеништво и сите поддржувачи на културното богатство, со цел да се обезбеди долгорочна заштита и развој. Претседателката порача дека зачувувањето на Галичник не значи само грижа за минатото, туку и создавање инспиративна основа за иднината, со што се покажува дека традицијата и напредокот можат успешно да чекорат заедно. На самиот крај на настанот, Месната заедница Галичник ѝ додели посебно признание на претседателката Сиљановска Давкова за нејзиното покровителство, континуирана поддршка и личен придонес во домашната и меѓународната афирмација на Галичник и Галичката свадба.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата