logo
logo
logo

Можни се поплави, предупредува УХМР - ВИСОК Е ВОДОСТОЈОТ НА ВАРДАР, РАДИКА, ТРЕСКА, САТЕСКА И НА СТРУМИЦА

Vecer | 07.01.2026

Можни се поплави, предупредува УХМР - ВИСОК Е ВОДОСТОЈОТ НА ВАРДАР, РАДИКА, ТРЕСКА, САТЕСКА И НА СТРУМИЦА

Како последица на врнежите од дожд во текот на денов, зголемување има на водостојот на скоро сите водотеци низ Македонија, информира Управата за хидрометеоролошки работи.

„Согласно расположливите податоци од хидролошките станици низ земјава, значително е висок водостојот во горниот дел од сливот на река Вардар, во Гостиварскиот и во Плошкиот регион. Значително е висок водостојот на река Сатеска и на река Радика, заедно со нивните притоки), а висок е и водостојот на река Треска, вклучително и на помалите реки и притоките во нејзиниот слив. Брза реакција на врнежите од дожд покажуваат и поголем број од помалите реки и суводолници, пред сè во западниот дел на Македонија“, соопшти УХМР.

На истокот од Македонија зголемен водостој се бележи на река Струмица и во горниот дел од сливот на река Брегалница, се додава во соопштението.

„До крајот на денот како и за време на ноќта се очекува врнежите да продолжат да паѓаат посебно во западните делови на земјата и водостојот во посочените сливни подрачја да остане да биде висок, при што останува можност за локални излевања на помалите реки и суводолници, како и на делови од каналската мрежа за наводнување и одводнување. Исто така, има можност и за појава на одрони и свлечишта. Предупредуваме за претпазливо движење покрај реките и суводолниците во текот на вечерните часови и за време на претстојната ноќ“, предупредува Управата.

Директорот на ЦУК, Мухамед Али, заедно со дежурните екипи на 112 и Секторот за операции, континуирано ја следи состојбата по обилните врнежи и ги повикува граѓаните, доколку имаат потреба или забележат проблеми, истите да ги пријават на бројот 112.

Според пријавите и интервенциите до 21:00 часот на 07.01.2026 година:

Гостивар – Стража: одрони на патот, сообраќајот се одвива редовно.

Тетово – Бањиче: одрони покрај коловозот кои отежнуваат сообраќајот.

С. Балин Дол: излевање на Вардар; поплавени 10 земјоделски парцели и неколку дворови; намалено производство на ХЕЦ Маврово.

С. Мало Турчане и с. Горно Бањице: излевање на Лакавичка и Сушичка река; поплавено земјоделско земјиште; општината нема соодветна механизација.

С. Форино: паднато дрво во коритото на Вардар, ризик од поплава; екипа со моторна пила на терен.

Тетово–Бањиче (Цртаниот ѕид): свлечишта и одрони; патот расчистен со багер и обележан.

Битола и околина:

С. Лера: поплава кај мостот, можно проширување кон селото.

С. Породин: поплава на живинарска фарма.

Општина Ресен (с. Перово, с. Дремени, Долна Бела Црква): поплавени дворови и земјоделски земјишта; реките не се излеани.

С. Сирхан: одрон отстранет.

Охрид и Кичево:

Охрид: поплавени подруми, гаражи и дворови; ЈП и локалната самоуправа интервенирале.

Кичево: поплавени стамбени објекти на ул. Прилепска; евакуирани 60 лица во спортската сала Христо Узунов.

Охрид – Пештани (кај хотел Гранит): одрон на патот; патот прооден, расчистување на поголеми нанос се очекува во наредни 1–2 часа.

Струга (Татеши – Мислодежда, Дебар – Струга): расчистување свлечишта и одрони.

Боговиње: Поплави на обработливо земјоделско земјиште поради затекнат канал од изградба на автопат; нема загрозени куќи.

Сите надлежни служби се на терен и активно интервенираат за справување со последиците од обилните врнежи. Граѓаните се повикуваат да бидат внимателни и да ги следат официјалните упатства.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk