logo
logo
logo

Православните христијани денес го слават Бадник

Vecer | 06.01.2026

Православните христијани денес го слават Бадник

Православните христијански верници во земјава денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик.

Одбележувањето на Бадник во Скопје ќе почне пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во организација на Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“.

Македонскиот народ со многу внимание и почит ги одбележува овие празници. Божик е Господски празник и се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.

Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза.

Домаќините се трудат да принесат од сè по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси погача, а во некои места се прават зелници. Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши кравајчето, а некаде го дели зелникот, на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата.

Исто така, вечерта во огнот се става бадниково гранче кое се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во семејството. Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, во пресрет на Божик.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk