Љубомир Фрчковски и Стево Пендаровски, учесници во Шарена револуција, соработници на СЈО и заслужни за рекордниот одлив на гласачите, јавно се закачија на темата мешетарење и смена на Венко Филипче.
Фрчковски го обвини Стево Пендаровски, поранешен шеф на државата, дека „мешетари внатре во СДСМ“.
Фрчкоски ова го кажа во неделата вечер, во гостувањето во емисијата „Во Центар“ на Васко Ефтов, под наслов „Кои лоби групи сакаат да го сменат Венко Филипче“.
Иако нагласи дека нема да зборува за имиња, Фрчкоски сепак директно го спомна Пендаровски и рече:
– Ме чуди тоа што мешетари Стево Пендаровски. Нема потреба од тоа. А мешетари без везе…
Инаку, во кулоарите веќе подолго време се шпекулира дека Стево Пендаровски води некаква иницијатива за реформи во СДСМ и во опозицискиот блок, но до овој момент за тоа никој не проговорил јавно.
Фрчкоски, кој има силни персонални позиции во екипата на Венко Филипче, очигледно не случајно ја избрал емисијата „Во центар“ прв јавно да го спомне и да го опомене Пендаровски, порачувајќи му дека неговото, како што вели, „мешетарење“, било „без везе“.
Одговарајќи на темата зададена од Ефтов, за тоа кои лоби групи сакаат да го сменат Филипче, без да спомнува имиња, Фрчкоски спомна и „еден пратеник и еден поранешен градоначалник кој се занесува, не знам дали вмровциво го фатиле со кривични пријави, па сега го држат…“
Водителот Ефтов прецизираше дека станува збор за Оливер Спасовски и за Петре Шилегов, а Фрчкоски не го негираше тоа, но не пропушти да нагласи дека Венко Филипче заслужува поддршка.
НИКОГАШ НЕ СУМ МЕШЕТАРЕЛ, А ТИ ПРОВЕРИ СИ ГО КВАЛИТЕТОТ НА ИЗВОРИТЕ СО КОИ СЕ ДРУЖИШ
Во врска со изјавата на Љубомир Фрчкоски дадена во емисијата „Во Центар“ во која во негативен контекст го споменува името на Стево Пендаровски, поранешниот претседател на државата даде појаснување на неговиот профил на Фејсбук.
– Изјавата е проблематична минимум на две нивоа: македонската јавност добро знае дека во моето 30-годишно бавење со јавните работи никогаш не сум „мешетарел“ како многу други во чии кариери нема ништо друго освен заткулисни маневри и кафеанско озборување. Меѓутоа, многу поголем проблем е што изјавата е целосно одлепена од реалноста и фактите, што, за жал, се случува кај некои луѓе поради „квалитетот“ на изворите со кои се дружат – наведе Пендаровски.
ЗА СДСМ НЕМА ДРУГА ШАНСА ДА ПРЕЖИВЕЕ ОСВЕН ВМРО ДА ГИ ЗЕМЕ ВО ВЛАДА
Интересно е дека Фрчкоски во оваа емисија ја повтори својата идеја за создавање „голема владина коалиција“ меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, за која пишуваше во колумна на порталот Либертас пред изборите, на 23 септември.
Тогаш, Фрчкоски предвидуваше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја добие „првата лузна на локалните избори“, поради „нечинењето, некомпетентноста и невладеењето“, но и поради „повлекувањето на стратешкиот партнер САД од регионот, како и блокада на ЕУ интеграциите“, „српската политичко-културна и бизнис инфилтрација и преку неа руското влијание“ итн. Во таа колумна, објавена на 23 септември, Фрчкоски исто така предвиде дека „ДУИ ќе избрише патос со Влен и владата ќе остане без ниту еден автентичен албански претставник во неа“.
„На ДПМНЕ му е потребен СДСМ да ја подели политичката одговорност за уставните измени и внесување на Бугарите како малцинство во Уставот, но и како бафер кон ДУИ, кога ќе треба да влезе во Владата“, напиша тогаш професорот Фрчкоски.
СДС нема друга шанса да преживее освен ВМРО да ги земе во влада.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата