Екипите на ЈКП „Комуналец“ во текот на целиот ден интензивно беа ангажирани на терен со цел справување со последиците од обилните врнежи од дожд кои ја зафатија територијата на општина Кичево.
И покрај неповолните временски услови, службите на претпријатието презедоа низа активности со употреба на соодветна механизација и човечки ресурси, со приоритетна цел – заштита на граѓаните и минимизирање на материјалните штети.
Со три машини беше извршена интервенција на улица „Прилепска“, каде поради силно надојдената река не беа можни дополнителни активности. Станува збор за проблем кој, за жал, се повторува речиси секоја година при интензивни врнежи.
ЈКП „Комуналец“ ја следи состојбата на оваа и на другите ризични локации и ќе постапува согласно понатамошниот развој на настаните, веднаш штом условите на теренот тоа ќе го дозволат.
Поради обилните дождови, на неколку локации низ Кичево е забележано излевање на реките. Екипите на ЈКП „Комуналец“ се постојано присутни на терен и активно интервенираат според утврдени приоритети, со цел навремено справување со состојбата и намалување на ризикот за населението.
Директорот на ЈКП „Комуналец“ Бојан Стојкоски, накратко истакна детали и апел до граѓаните: Ги замолуваме сите граѓани да покажат зголемена внимателност и да избегнуваат движење во близина на надојдените речни корита, исто така да ги почитуваат препораките на надлежните служби. Состојбата ја следиме континуирано, а надлежните служби ќе продолжат со активности и навремено ќе ја информираат јавноста за сите понатамошни случувања.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата