Шпекулациите за наводно присуство на бактеријата Escherichia coli во скопскиот водовод брзо се раширија преку приватни пораки и социјалните мрежи, предизвикувајќи масовна паника. Иако официјалниот извештај на ЈП „Водовод и канализација“ потврди дека водата е целосно безбедна и без штетни бактерии, отворено останува прашањето за одговорноста на оние кои ја креираа и ширеа оваа дезинформација.
Водата за пиење е ресурс од национален интерес, па полицијата веќе повика повеќе лица на разговор, а Јавното обвинителство ја следи ситуацијата.
Кривична одговорност: Затвор за загрозување на сигурноста
Според членот 205 од Кривичниот законик, секој што ќе ја загрози сигурноста со ширење невистинити тврдења за заразна болест, може да се казни со парична казна или затвор до шест месеци. Доколку истрагата утврди дека дезинформациите потекнуваат од вработени во градските власти или јавните претпријатија кои ја искористиле својата позиција, во игра е и членот 353 за злоупотреба на службената должност, каде што исто така се предвидени затворски казни.
Овој член често беше користен за време на корона пандемијата.
Така на пример, на 11 март 2020 година, МВР кое беше задолжено од страна на Владата да ја следи состојбата и да предупреди дека ќе има санкциии кон несовесните или оние што шират невистини и дезинформации, т.е. лажни вести.
Прекршочна одговорност за нарушување на јавниот ред
Иако кривичната одговорност е теоретски можна, правните експерти укажуваат дека е поверојатно докажување прекршочна одговорност. Според Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, предвидени се санкции за секое лажно алармирање на јавноста кое го нарушува редовниот животен ритам и создава чувство на несигурност кај граѓаните.
Во контекст на сè почестите хибридни закани, ваквите намерни дезинформации за критичната инфраструктура може да добијат и уште посериозни правни последици.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата