logo
logo
logo

СОРАВИЈА НЕ ЈА ДАВАМ, порачува Дрин Мехмети

Vecer | 05.04.2025

СОРАВИЈА НЕ ЈА ДАВАМ, порачува Дрин Мехмети

Деловниот центар „Соравиа“ во центарот на Скопје се продава од извршител, по барање на доверител за долг од 930 илјади евра. Доверителот е „Прва инвестициска банка“ од Софија, Бугарија, а извршувањето е засновано на солемнизација на договор за залог од 2 септември 2022 година против должникот „Соравиа инвест“.

Дрин Ахмети, кој оперираше со овој објект, не успеал да го задржи имотот. „Соравиа“ периодов беше во фокусот на јавноста поради контроверзниот процес на промена на сопственичката структура на компанијата што го поседува атрактивниот објект – „Соравиа Инвест“.

Во заклучокот, кој е јавно објавен на веб страницата на комората на извршители, стои дека почетната цена за објектот е 1.377.978.526 денари односно околу 22.406.000 евра. Извршителот наведува дека објектот се продава поради долг од околу 930.000 евра кон бугарската Прва инвестициска банка.

Огласот е објавен на 24 март, а лицитацијата ќе се одржи на 24 април во канцеларијата на извршителот Андреја Буневски. Во извршувањето на побарувањата се вклучени уште тројца извршители. Во заклучокот за лицитација се наведени сите катастарски наведени недвижности на центарот „Соравиа“.

Инаку, ова не е единствен долг на „Соравиа инвест“ кон истата банка која во 2020-тата издаде кредит на компанијата, а има и други пристигнати побарувања кон доверители.

Што вели Дрин Мехмети и Соравија инвест за ова

Соравија Инвест ДООЕЛ објави дека активно ги следи сите правни лекови за да се запре најавената продажба на деловниот центар преку аукција најавена од извршител.

„Ние тврдиме дека овој процес на запленување е започнат незаконски и еднострано од повеќе доверители во наводен дослух со поранешното раководство на зградата. Според нас, оваа акција е без правна основа и е преземена без соодветна основа и без согласност на сегашните законски сопственици. Соравија Инвест ДООЕЛ одлучно ја отфрла легитимноста на овие постапки и брзо ги оспори пред судовите“, коментира сопственикот.

Од таму велат дека официјално е поднесена кривична тужба поднесена до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција и бараат да се земат во предвид околностите околу обидот за извршување.

„Прикажавме докази и наводи дека процесот на лицитација е резултат на недозволени и договарачки активности и ги повикуваме властите темелно да ја испитаат оваа работа. Соравија Инвест ДООЕЛ има целосна доверба во правниот систем и е подготвена одлучно да се бори за тоа да се погрижиме правдата да биде задоволена и да се потврди нашата сопственост на зградата.

Ние ќе обезбедиме целосна соработка со истражителите и ќе продолжиме да ги користиме сите достапни правни канали за да се запре аукцијата и да ги заштитиме интересите на нашите закупци“, додаваат од таму.

На закупците им порачуваат дека договорите нема да бидат засегнати од тековниот спор.

„Ние разбираме дека вестите за потенцијална аукција може да бидат загрижувачки, но преземаме одлучни активности за да ја одбраниме нашата позиција и уверени сме во позитивен исход“, пишува во соопштението на „Соравиа“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk