Лекарската комора на Македонија во моментот не може да му ја одземе лиценцата за работа на разрешениот директор на Клиниката за неврологија, д-р Игор Кузмановски, бидејќи тој воопшто нема активна лиценца, потврдија за Плусинфо од институцијата.
Од Комората објаснуваат дека лиценцата на Кузмановски истекла уште на 15 март годинава, а тој дури минатата недела поднел барање за нејзино продолжување. Засега, постапката за обновување е во тек, а неговото име не се наоѓа на официјалниот список на активни лекари објавен на веб-страницата на Комората.
– Доктор д-р Игор Кузмановски моментално нема активна лиценца за работа, бидејќи нејзината важност истекла на 15.03.2025 година. Тој има поднесено барање за нејзино продолжување, а Комората ги разгледува сите аспекти поврзани со последните случувања. Се прибира документација и информации од надлежните институции, по што јавноста ќе биде информирана за мерките што ќе се преземат – велат од Лекарската комора за Плусинфо.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата