Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче попладнево на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање дали коалицираат со ДУИ и Левица за локалните избори, нагласи дека активно разговараат и оти за секоја општина ќе имаат посебна стратегија.
- Активно разговараме и за секоја од општините ќе имаме посебна стратегија, потенцира Филипче.
Тој нагласи дека нивната партиска стратегија е јасна, а тоа е, како што рече, консолидација на секое ниво и широк инклузивен процес.
- Нашата партиска стратегија е јасна – консолидација на секое ниво, широк инклузивен процес во избор на нашите најдобри кандидати коишто имаат и легитимитет и кредибилитет да излезат пред граѓаните да ја побараат довербата, затоа што знаеме дека тие се луѓето коишто можат да ги испорачаат програмите што ќе ги ветиме за време на локалните избори. Тие кандидати заклучно со овие денеска објавени, практично се избрани во еден процес со многу широк консензус. Консултирани се буквално сите партиски членови во рамките на секоја од општинските организации, рече Филипче.
Потенцира дека нивната програма за локалните избори се темели пред се на нивните вредности и ги слушаат граѓаните што вистински сакат да добијат.
- Програмата се темели пред се на нашите вредности, социјалдемократски сето тоа преведено во услови за локални избори. Значи, ги слушаме граѓаните што вистински сакат да добијат. Граѓаните насекаде ги сакаат истите работи. Прво, сакаат да живеат во чиста животна средина , понатаму да е безбедно на улиците, да е секаде осветлено, да има проекти кои ќе бидат поддржани во делот на енергетиката, да имаат соодветни простори за спортска активност и соодветен ноќен забавен живот, нешто што го бараат младите и навистина го заслужуваат, се помалку го имаат вака како се водат општините во изминатиот период предводени од ВМРО-ДПМНЕ, рече тој.
Филипче ги соопшти имињата на нови 16 кандидати за градоначалници
По состанокот на Извршниот одбор на партијата, којшто заседавал денеска, Филипе најави нова тура кандидати за градоначалници.
За кандидат за градоначалник на Скопје ја најави потпретседателката на СДСМ Каја Шукова.
За кандидат за Општина Битола – претседателот на Општинската организација Методија Куновски,
- во Валандово актуелниот градоначалник Перо Костадинов,
- во Виница претседателот на Општинската организација Гоце Милевски,
- во Зрновци претседателот на ОО Ванчо Митев,
- во Кавадарци регионалниот партиски координатор Виктор Велевски, рече Филипче на прес-конференцијата.
Тој истакна дека за Општина Карпош кандидатка за градоначалник ќе биде д-р Маја Мојсова Миовска, поранешна директорка на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), додека на Општина Кисела Вода Горан Трајковски, кој е поранешен директор на Државен пазарен инспекторат.
Во Општина Маврово Ростуше кандидат ќе биде Анес Ахмети, во Општина Ново село Петар Спасов, во Петровец Елизабета Зелениковска, во Прилеп претседателката на ОО Петра Лукаровска, во Радовиш партискиот претседател Ристо Спасов, во Свети Николе Дејан Гичев, во Општина Чашка актуелниот градоначалник Горан Стојановски, во Општина Брвеница Светлана Митревска Анџелковска, рече Филипче.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата