Од вкупно анализирани 13 предмети поврзани со сомнежи за непотребно извршени кардиохируршки операции или непотребно упатени за операција, странската комисија кај девет случаи утврдила сомнителни наоди во текот на дијагностичката евалуација, и тоа, на пример, несогласување меѓу ангиографските наоди од коронографијата и писмениот извештај, по што следувало несоодветна индикација за процедурите, било да се ендоваскуларните или хируршките - соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство Азир Алиу, кој информира за резулатите на странската комисија за проверка на сомнителните случаи, а на што прв укажа академик Сашко Кедев.
- Во однос на овие случаи, комсијата оценува, цитирам: „дека одредени аспекти од третманот и водењето на пациентите биле под очекуваните професионални стандарди и можеби неповолно влијаело врз клиничкиот исход врз нив“. Пациентите се на возраст од 45 до 78 години, кои беа предмет на анализа. Анализираните случаи се однесуваат на интервенции и постапки реализирани во јавните и во приватните здравствени установи. Станува збор за случаи од неколку приватни и државни клиники и болници во земјата, рече Алиу.
Тој истакна дека овие наоди се сериозни и не смее да се релативизираат. Но, исто така, тие, вели, не смее да се користат за генерализирање и нарушување на угледот на целата лекарска професија и за стигматизација на установите. Забележа дека голем број лекари во нашата држава работат стручно и чесно.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата