logo
logo
logo

Владата ќе има редовни брифинзи со резидентните амбасадори на ЕУ

ИЗБОРИ ЌЕ НЕМА, ФОКУСОТ Е НА РЕФОРМИТЕ И ВОВЕДУВАЊЕ РЕД

Vecer | 05.02.2026

ИЗБОРИ ЌЕ НЕМА, ФОКУСОТ Е НА РЕФОРМИТЕ И ВОВЕДУВАЊЕ РЕД

Владата е целосно фокусирана на реализација на Реформската агенда и воведување ред во државата, а годинава нема да има избори, порача премиерот Христијан Мицкоски на денешниот брифинг со амбасадори на земјите членки на Европската Унија.

Мицкоски информираше дека Владата ќе отпочне циклус на редовни брифинзи со резидентните амбасадори на ЕУ во земјава, со цел, како што рече, подетално да ги доближи активностите што ги спроведува Владата во рамки на Реформската агенда.

– Ќе имаме можност да отпочнеме еден циклус на средби, односно брифинзи со претставници на земјите членки на Европската Унија кои се резидентни во нашата земја, и на овој начин поблиску да ги доближиме активностите кои како Влада ги правиме, а се поврзани со Реформската агенда – истакна Мицкоски.

Премиерот посочи дека дел од реформите веќе се реализираат, додека дел, од објективни причини, нема да можат да се спроведат во предвидената динамика, за што, како што нагласи, е информирана и меѓународната заедница.

– Тоа што можеме да го испорачаме – ќе го испорачаме. За тоа што не можеме, отворено и искрено ќе ги дадеме аргументите зошто не можеме. Не сакаме да бидеме Влада која едно ветува пред меѓународната заедница, а друго прави зад завеса – нагласи Мицкоски.

Тој објасни дека динамиката на реформите била забавена поради локалните избори и законските ограничувања, но дека веднаш по нивното завршување, од ноември, процесот повторно бил интензивиран.

Мицкоски децидно порача дека оваа година нема да има избори, бидејќи Владата е насочена кон спроведување на реформите.

– Нема да имаме избори оваа година. Амбициозната реформска агенда јасно покажува дека сме фокусирани на реформи и воведување ред во државата – рече премиерот.

Како дел од клучните приоритети тој ги наведе проектот „Безбеден град“, борбата против криминалот и корупцијата, како и носењето закони поврзани со здравјето и безбедноста на граѓаните, меѓу кои и Законот за пушење, Законот за игри на среќа и повеќе закони од областа на правосудството.

– Оваа година имаме прилично амбициозна реформска агенда. Целта е да ја напишеме домашната задача, а потоа е до земјите членки на ЕУ како понатаму – истакна Мицкоски.

Премиерот најави дека брифинзите со дипломатскиот кор ќе продолжат и во наредниот период, најпрво во март, потоа во јуни, а потоа најмалку еднаш квартално.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk