logo
logo
logo

Сиљановска-Давкова: Добро е што е добиено мислење од Венецијанска комисија за целиот пакет закони за реформите во судството

Vecer | 15.10.2025

Сиљановска-Давкова: Добро е што е добиено мислење од Венецијанска комисија за целиот пакет закони за реформите во судството

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека е добар потег што било побарано и добиено мислење од Венецијанската комисија за целиот пакет на закони за реформите во судството и дека веднаш по завршувањето на локалните избори мора да стигнат законите во Собранието, бидејќи, како што нагласи „не може да имаме реформи во судскиот систем без да имаме законски промени“.

Сиљановска-Давкова рече дека имало периоди кога државата била ревносна во поднесувањето на барања за мислења од Венецијанската комисија, но и кога воопшто не сме го правеле тоа, нагласувајќи дека се израдувала што на дневен ред на Венецијанската комисија се нашло барањето за давање мислење за законот за јавното обвинителство и дека поминал законот.

Да, информирана сум дека министерот за правда целиот пакет на закони врзан за реформите во судството го пратил на Венецијанска комисија и добил мислења за тоа. Веднаш по завршувањето на локалните избори мора да стигнат законите во Собранието, бидејќи не може да имаме реформи во судскиот систем без да имаме законски промени и мислам дека тоа е еден добар потег – изјави Сиљановска-Давкова, одговарајќи на новинарски прашања по одбележувањето на 15 Октомври – Меѓународниот Ден на белиот стап.

Иако не се задолжителни мислењата на Венецијанската комисија, Сиљановска-Давкова поттцрта дека препорачува сите закони, кога се во нацрт верзија да се праќаат до Венецијанската комисија, зошто како што рече, „таму седат врвни разни правници и тие се борците и заштитниците на владеењето на правото, наместо владеењето на поединиците“.

Мислам дека тоа е добар потег и од следнава причина. Веќе нема да се оценува само хармонизацијата со европското право, туку и имплементацијата и тогаш два органи добиваат клучна улога. Венецијанската комисија, како комисија за владеење преку право и ГРЕКО (Група на држави против корупцијата). Ние мора да се подготвиме за тоа – рече Сиљановска-Давкова.

Всушност, посочи Сиљановска-Давкова, Венецијанската комисија затоа и била создадена во 90-тите година, за да им помогне на државите што излегоа од комунизмот да посегнат по донесување на либерални Устави и закони.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk