logo
logo
logo

ЌЕ СЕ ПРЕГОВАРА ЗА ПРОМЕНИ ВО ИЗБОРНИОТ СИСТЕМ. Инаетот е тука а исходот не е на повидок

Vecer | 13.01.2026

ЌЕ СЕ ПРЕГОВАРА ЗА ПРОМЕНИ ВО ИЗБОРНИОТ СИСТЕМ. Инаетот е тука а исходот не е на повидок

Укинувањето на техничката влада, реформите во правосудството и изборните правила ќе бидат во фокусот на лидерската средба што утре ќе се одржи во Клубот на пратениците, на иницијатива на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

На средбата се поканети лидерите на парламентарните партии кои имаат пратенички групи, а покрај укинувањето на техничката влада, најавено е отворање на разговори и за Изборниот законик, изборот на народен правобранител, како и пакетот реформски закони од областа на правосудството. Дневниот ред, според најавите, може да биде дополнет и со други теми предложени од учесниците.

Од опозициските партии, засега учество потврди само Левицата, додека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, уште на старт го одби повикот за лидерска средба, обвинувајќи дека власта бара оправдување за предвремени избори.

Од владејачката коалиција, на состанокот се очекува претседателот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, како и претставник од коалицијата „Вреди“, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами. Коалицијата „Вреди“ најави дека ќе присуствува со својот лидер Касами и координаторот на пратеничката група, Беким Ќоку.

ДУИ допрва треба да донесе одлука дали нејзиниот лидер Али Ахмети ќе учествува на средбата, по денешната седница на Генералниот совет на партијата, на која се разгледуваат актуелните политички состојби и внатрепартиски прашања.

Левицата најави дека ќе ја поддржи идејата за укинување на техничката влада, но само доколку се воведе една изборна единица. Пратеникот Амар Мециновиќ оцени дека е време да се отвори конструктивен дијалог за клучните државни прашања.

Поддршка за лидерската средба изразија и ЛДП и ДОМ. Од ЛДП порачаа дека се подготвени за разговор, но не само за техничката влада, туку и за суштинските проблеми кои директно го засегаат животот на граѓаните. ДОМ, пак, повика на поширока агенда што би опфатила една изборна единица и отворени листи без изборен праг.

Премиерот Мицкоски најави дека средбата треба да се одржи пред неговото заминување на Светскиот економски форум во Давос и порача дека уставни и системски промени, како укинувањето на техничката влада, не треба да се носат без широк политички консензус.

Откако СДСМ го одби учеството, Мицкоски оцени дека очекувал поголема политичка зрелост и нагласи дека власта има доволно пратеници за укинување на техничката влада, но дека сакала процесот да биде инклузивен и да се отвори поширока дебата за клучните закони и европските реформи. објави Скопје1.мк

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk