Во својата колумна албанскиот “аналитичар“ Нијази Мухамеди го реактуелизира „референдумот за политичко-територијалната автономија на Албанците во Западна Македонија“ од 1991 година, со кој потоа беше прогласена „Автономната Република Илирида“.
Мухамеди со оваа колумна се приклучува кон барањата на сите албански политички партии, кои, како единствен албански политички фактор, обединети настапуваат во нивното барање да се отвори повторно Уставот на Македонија, но не само да се „отстрани 20 проценти за албанскиот јазик“, туку пред се да се внесе уставниот третман на Албанците како „албанска државотворна нација“ во Македонија, согласно со „Тиранската платформа“ од 2016 година.
Мухамеди се надоврзува и кон тврдењата, објавени неодамна во косовскиот весник „Бота сот“ и одделни други медиуми на албански јазик дека, наводно, „Албанците се сопственици на 70 проценти од територијата на Македонија“, како и оти „албанските имоти во Македонија биле насилно одземени и затоа треба да бидат вратени со напоредно плаќање на обештетување“.
Покрај другото, Нијази Мухамеди во својата колумна пишува: „Со автономната волја на Албанците за достоинство и рамноправност никој нема право да си игра. Не може да има никаква платформа за интегрирање во Европската Унија, ако овие точки не станат нејзин составен дел:
1. Реконфигурирање на територијално-административната организација на локалната власт – општините;
2. Реконфигурирање на развојните региони;
3. Целосно повторно разгледување на ‘денационализацијата’ на албанските имоти одземени во периодот на национализацијата и аграризацијата, како и на ‘партиските’ узурпирања од 1946 до 2020 година;
4. Целосно редефинирање на ‘јазичната политика и во оваа рамка темелно редефинирање и на уставно-правниот статус на албанскиот јазик, за да биде институционално официјален јазик заедно со македонскиот јазик;
5. Целосно редефинирање на образовно-наставниот систем со признавање на правото на албански наставни програми за албанската национална култура и за албанската цивилизација, почнувајќи од основните училишта се до универзитетите;
6. Двојната јазичност да се примени во образовно-наставниот систем и тој да се подели на два подсистема:
А) Образовно-наставен јазичен подсистем за македонскиот јазик и за јазиците на турското, ромското, српското, бошњачкото и другите малцинства и
Б) Албански јазичен образовно-наставен подсистем.“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата