Владата е во завршна фаза на консултации со сите засегнати страни за финализирање на новиот закон за заштита од пушењето, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Како што додаде тој, не е во ред децата од најмала возраст да користат ароматизирани вајпови, кои потоа можат да се трансформираат во нешто друго.
„Значи сега не е од едно лошо, алтернативата ни е друго лошо. Не е тоа суштината на оваа реформа. Ние велиме дека секој може да си продава тоа што треба да си продава, но треба да има јасно правило како сето тоа ќе функционира. Не можеме тие барања, ние ајде да дозволиме и понатаму ароматизирани вајпови да се користат, и децава на 11-12 години да ги користат. Тоа не е во ред. Тоа е она кое што ние не сакаме да биде во законот, а тие велат да има еден-два вкуса, ментол да имало. Не е ова шведска маса - малку од ова сакам, малку од она, или правиме холистички пристап, пристап со кој што ќе направиме нешто, или подобро да оставиме вака да биде како што е сега, без контрола, па да видиме до кај ќе стигнеме. Се разбира дека второто не е решение. Се разбира дека првото ќе е решение и мора да имаме рамка. Не може вака.“
Тој забележа дека постоечкиот закон има селективна или никаква примена, што според премиерот, е рецидив од минатото, кој сакаат да го канализираат.
- Се пуши каде што нетреба да се пуши. И тука разговаравме со ХОРЕКА групацијата, хотелите, рестораните, клубовите, и тука веќе имаме некакво решение. Но, исто така околу производителите и увозниците ќе се сложите дека на малолетници се повеќе имаме примери каде што се користат и се употребуваат таканаречени вајпови, со вкусови, подвлече Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата