„Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“ е визија за модерна, стабилна и европски ориентирана Македонија. Стратегијата која е на долг рок, поставува јасен правец и систем на управување што ја заменува импровизацијата со институционална зрелост. Нашата цел е држава што создава стабилност, економска моќ и самодоверба, рече на денешната прес-конференција Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Денес имам чест, да го презентирам Првиот стожер од стратегијата Македонија 2030, а тоа е, државна безбедност и стабилност. Во време на сериозни геополитички промени, сајбер-напади и хибридни закани, безбедноста станува основа за секоја друга државна политика. Само држава што е модерна, отпорна и институционално заштитена може да обезбеди развој и стабилност. Нашата стратегија за државна безбедност и стабилност се темели на четири приоритети. Првиот приоритет е модерна Армија со реални НАТО стандарди. Технолошко унапредување, современи системи на командување и развој на сајбер-одбранбени единици. Армија што навистина го штити државниот интерес. Вториот приоритет е национален модел за сајбер-безбедност. Сајбер-просторот е новото боиште. Потребен е национален центар за дигитална отпорност, јасни протоколи и стандарди што ќе ги штитат институциите, банките и критичната инфраструктура. Третиот приоритет, одбрана од хибридни закани и дезинформации. Создаваме државен механизам за анализа, брза реакција и заштита на демократските процеси, без нарушување на слободата на говор, но со заштита на вистината. И четврти приоритет, модерен систем за управување со кризи. Централен команден столб, автоматизирани процедури и регионална координација за брза, професионална и предвидлива реакција, истакна Манасиевски.
Безбедноста е темелот на државата. Само стабилна и заштитена Македонија може да биде економски силна, институционално зрела и политички самоуверена. Со овој стожер го отвораме новото поглавје на државноста што ја градиме заедно, додаде тој.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата