Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против четири лица за кривично дело – Предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик, бидејќи постои основано сомнение дека заеднички, со учество во дејствие на извршување или друг особен придонес подметнале експлозивна направа пред една куќа.
Според доказите прибрани по наредба на јавен обвинител во предистрагата, на 12 јули годинава, осомничените активирале и фрлиле бомба М-75 кон куќа на улицата “Охридска”.
Притоа, беа оштетени седум паркирани возила и беше предизвикана значителна опасност за животот и телото на луѓето во централното градско подрачје.
Двајца осомничени со моторцикл, директно учествувале во подметнувањето на експлозивната направа, додека другите двајца имале други соизвршителски дејствија со кои го овозможиле и придонеле кон извршување на кривичното дело.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола предложи да биде определена мерка притвор за четворицата осомничени, од кои еден е недостапен на органите на прогонот во овој момент.
Битолската полиција денеска до ОЈО Битола поднесе кривична пријава против Б.А. (33) од Битола, Н.Ц. (25) од селото Ерековци, прилепско, со место на живеење во Битола, И.Ѓ. (40) од Битола и П.Д. (38) од Битола поради основано сомнение за сторено кривично дело Предизвикување општа опасност.
„На 12 јули годинава, околу 2.05 часот, Б.А. и Н.Ц., по насоки од И.Ѓ., дошле со мотоцикл во близина на куќа во Битола, по што Б.А. фрлил експлозивна направа кон куќата. При тоа биле оштетени фасади од куќи, прозорци и врати, а биле опожарени 7 возила. Четвртообвинетиот П.Д. пак, му помогнал на Б.А. да сокрие докази во врска со кривичното дело“, соопшти битолската полиција.
Вчера и денеска по наредба од Основен суд Битола од страна на полициски службеници од СВР Битола се извршени претреси на повеќе локации во сопственост на осомничените, при што се пронајдени една рачна бомба, марихуана, шише со непозната течност со семки во внатрешноста, солзавец, предмети со траги од прашкаста материја, како и предмети со кои се извршени кривични дела, се додава во соопштението.
„Б.А., Н.Ц. и П.Д. се лишени од слобода, а се преземаат мерки за пронаоѓање на И.Ѓ“, се вели во соопштението од СВР Битола.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата