logo
logo
logo

СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА НА ГОСТИ КАЈ ПАПАТА, однесе и подароци

Vecer | 26.05.2025

СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА НА ГОСТИ КАЈ ПАПАТА, однесе и подароци

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска, во рамки на посетата на Рим и Ватикан по повод чествувањето на Денот на сесловенските просветители, имаше аудиенција кај папата Лав 14, јави известувачот на МИА.

По завршувањето на аудиенцијата, претседателката Сиљановска-Давкова во Апостолската библиотека на Папата му ги претстави членовите на македонската државно-црковна делегација, каде што разменија и пригодни подароци.

Во оваа прилика, претседателката Сиљановска-Давкова на папата Лав 14 му подари Длабока резба со мотив „Гроздови“.

Резбата е во изработка од дабово дрво, со мотиви од овошје и животни кои ги краселе македонските манастири и цркви, како и побогатите македонски куќи. Познати се многу копаничарски дела чии резби красат многу од црквите и надвор од Македонија. Мотивот со гроздови ја претставува лозата на животот и симболика за животна обнова и врска помеѓу религијата и луѓето преку виното (крвта на Исус).

По аудиенцијата, претседателката Сиљановска-Давкова имаше средба со државниот секретар на Светата столица, кардиналот Пјетро Паролин.

Средбата траеше околу 40 минути, а заврши со меѓусебна размена на подароци.

Подарокот за кардиналот Паролин беше Златна ритуална маска, која е дел од раскошните предмети, користени како прекривка на телото, во практиката на погребниот култ. Локалните владетели – пајонските војводи, од VI век п.н.е., ја изградиле оваа некропола на Требенишкото Кале. Тоа беше периодот пред државата да ја обедини најмоќната династија Аргедовите, првата династија на Македонското Кралство.

По средбите во Ватикан, предвидена е изјава на претседателката Сиљановска-Давкова, по што таа веднаш заминува на средба со претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk