Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, е магистранд на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ. Неговиот магистерски труд се занимава со „Криминолошки и компаративни аспекти за унапредување на безбедноста во јавниот сообраќај“, тема тесно поврзана со проектите „Безбеден град“ и „Безбедна држава“ кои треба да профункционираат од 1 јануари 2026 година.
Тој за „360 Степени“ објасни дека магистерската теза е негов личен труд, кој се базира на јавно достапни податоци, компаративни анализи и неговото професионално искуство како адвокат и како вработен во Министерството за транспорт и врски.
На прашањето кога наоѓа време за активностите поврзани со магистратурата и за полагање испити, тој одговори дека спие само пет часа дневно.
„Сите што ме знаат, знаат дека спијам пет часа. Кога не сум болен. Кога сум болен спијам и по 20. Кога не сум болен, спијам пет часа. Тоа е, таков ми е биоритамот. И дали вложувам во ова цел свој живот? Да. Дали сум имал идеја пред ова на што да магистрирам и да дадам додадена вредност од себеси, од аспект на моите професионални знаења? Не. Сега добив идеја и инспирација да магистрирам на тема што лично ме повредува. Не знам како да ви кажам, едноставно не можам да ја прифатам бројката на 142 жртви секоја година што ги имаме во Македонија“, рече тој.
Министерот потенцира дека магистерската работа има практична имплементација и додава вредност, бидејќи ги вклучува проектите што се реализираат во рамки на ресорот. Тој нагласува дека не користи податоци кои не се јавни и оти целата котизација за студиите ја покрива од лични средства.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата