Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, во интервју за „Топ Тема“ на Телма оцени дека партијата останува стабилна и покрај заминувањето на пратеникот Миле Цеков, нагласувајќи дека станува збор за лична одлука, а не за организациска криза.
Тој посочи дека ЗНАМ како нов политички субјект е во фаза на политичко зреење и дека изборите се добредојдена можност за проверка на поддршката кај граѓаните.
„Како нов политички субјект кој поминува една фаза на ферментација или политичко зреење, нас ни одговара да има избори бидејќи со тоа се проверуваме во континуитет во очите на граѓаните. Во коалицијата не се разговарало на оваа тема, во Собранието мнозинството е ВМРО-ДПМНЕ, па ако тие иницираат ние ќе го поддржиме“, изјави Димитриевски.
Во однос на случајот со пратеникот Цеков, тој порача дека партијата не применува исклучувања, но очекува политичка и морална одговорност кон гласачите.
„Тој не е исклучен, ЗНАМ не исклучува членови, тој ја донесе одлуката и тоа му е патот секој со свој крст, но ако имате морална одговорност треба да го вратите мандатот на граѓанинот. Ова е реприза од минатото, моментот е кои се мотивите, но струмичката јавност треба да го знае тоа“, рече Димитриевски.
Тој додаде дека ЗНАМ нема внатрешни лоби групи и дека одлуките се носат едногласно, нагласувајќи дека заминувањето на Цеков претставува отстапување од претходно усогласените партиски ставови.
„Нема лоби во една мала политичка партија, особено на извршен одбор носиме едногласна одлука, но има непочитување на одлуки како што е ова, и јас во оваа прилика му посакувам успех во неговото политичко дејствување“, изјави лидерот на ЗНАМ.
Димитриевски посочи дека партијата има свои претставници во извршната власт и дека останува посветена на програмските определби, особено во однос на македонскиот јазик, идентитет и европските интеграции со заштита на националните позиции.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата