Шеесет и петгодишна државјанка на Република Албанија, со иницијали Н.Б., е лишена од слобода во Тетово под сомнение за сторено кривично дело „измама“. Настанот се одвивал на крстосницата меѓу улиците „Видоје Смилевски Бато“ и „29 Ноември“, каде полициски службеници од СВР Тетово ја привеле осомничената.
Целиот случај почнал да се расплеткува откако претходниот ден 67-годишен маж од Тетово во полиција пријавил дека бил жртва на добро осмислена измама. Според пријавата, жената лажно му се претставувала како универзитетска професорка и успеала да стекне негова доверба. Во изминатите три месеци, таа во неколку наврати му побарала и земала вкупно 3.400 евра. Како причина за заемот, лажната професорка тврдела дека нејзината ќерка доживеала тешка сообраќајна несреќа во Франција и дека парите ѝ се итно потребни за нејзино лекување.
Од СВР Тетово информираат дека по целосно расчистување и документирање на случајот, против државјанката на Албанија ќе биде поднесен соодветен поднесок по член 247 од Кривичниот законик.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата